Десетици милиони работници во Индија го започнаа досега најголемиот штрајк на светот

Државните банки и електраните се затворени, а јавниот транспорт закочен во повеќето индиски држави, бидејќи вработените во јавниот сектор бараат повисоки плати.

Национален штрајк на десетици милиони вработени во индискиот јавен сектор, кој засега се смета за најголемиот штрајк на светот досега, ќе ја чини државата околу 180 милијарди рупеи (околу 2,4 милијарди евра).

Синдикатите и униите велат дека протестираат против „анти-работничките и анти-народните“ политики на владата на Нарендра Моди.

Досега се уапсени 20 протестанти во Западен Бенгал, откако наводно ги оштетиле владините автобуси.

Училиштата и факултетите во Бангалор се затворени како мерка за претпазливост, а 4200 автобуси останаа паркирани во станиците во Харјана. Мумбаи и Делхи одбегнаа големи пречки во секојдневното функционирање, но биле одложени операции во најголемата болница во главниот град, каде протестирале медицинските сестри. Пренос на националните телевизии во Индија покажува и дека протестантите ги блокираат железничките пруги и патиштата во Асам, Утар Прадеш и Одиша.

Меѓу барањата на синдикатите се и минимална дневна плата од 692 рупеи, универзално социјално одигурување и забрана за странски инвестиции во државната железница, осигурувањата и индустриите за одбрана.