Десет проценти од најдобро платените работници во Европа заработуваат колку и 50 проценти од најлошо платените

Само 10 посто од најдобро платените вработени во Европа заедно, заработуваат колку и полошо платените 50 посто на скалата – односно колку половина од сите вработени заедно. Овие бројки се резултат на анкета на Интернационалната трудова организација, која ги повикува владите и организациите да прават повеќе за да обезбедат „плодовите на економскиот развој да бидат поделени“.

Агенцијата на ОН го искористи своето најново истражување за глобалните трендови во платите, за да ги испита нееднаквостите при заработка меѓу различните работници во фирмите и меѓу различните фирми. Откриле и застрашувачки дискрепанци меѓу платите на мажите и жените на повисока позиција во Европа, со родов јаз од повеќе од 50 проценти за извршните функции.

Генералниот директор на ИТО, Гај Рајдер, предупредува дека нееднаквоста во платите и порастот на невработеноста ги подгоруваат националистичките движења. Зборувајќи откако Доналд Трамп победи на претседателските избори во САД играјќи на картата за антиглобализација, и откако Велика Британија изгласа за Брегзит, Рајдер вели дека луѓето чувствувале дека добиваат „сиров договор“ од моменталниот економски систем.

Глобалниот извештај за плати на ИТО обезбедува нови докази за нееднаквоста, која игра улога и во порастот на анти-естаблишмент партиите.

„Нееднаквоста во платите во компаниите, особено во големите, е особено значајно, бидејќи еден процент на врвот заработува многу повеќе од сите останати“, вели Рајдер.

Преку споредување на платите на индивидуалците во Европа со просечната плата на фирмите во кои работат, истражувачите на ИТО откриле дека околу 80 проценти се платени помалку од просекот, бидејќи просекот е многу поголем поради огромните плати на оние кои најмногу заработуваат.

Во некои фирми со најголема просечна плата, најлошо платените еден процент вработени заработувале околу 7,10 евра на час, а најдобро платениот еден процент заработувал 844 евра на час, односно 118 пати повеќе.

„Во Европа, нееднаквоста меѓу платите во големите компании е должна за речиси половина од нееднаквоста во платите генерално. Тоа ни кажува дека поставувањето на минимална плата нема да ја реши нееднаквоста“, вели Патрик Белсер, автор на истражувањето и експерт за плати на ИТО.

Според него, големиот јаз може да биде намален преку саморегулација. Владите треба да помогнат со поцврсти барања за тоа како фирмите ги документираат и претставуваат јазовите, и меѓу родовите и меѓу различните нивоа на работна позиција.

Додава и дека во Европа, речиси сите извршни директори се мажи.