Десет фрази кои големите говорници никогаш не ги кажуваат

Колку што е навистина тешко говорникот веднаш да ја освои публиката, толку е лесно тој да „се изгуби“ во просторијата уште во првите неколку минути од својата презентација.

Потралот Inc.com објави неколку совети за тоа кои фрази не смеат да се изговорат во текот на една презентација.

Десет фрази кои големите говорници никогаш не ги кажуваат

1. „Јас сум неподготвен/уморен/мамурен“

Една од пет презентации на секоја конференција почнува со изговор: „Ме поканија вчера“ или „Јас сум навистина уморен од патот” како и останати недоволно убедливи изговори кои публиката не сака да ги слушне.

Публиката сака да го добие најдоброто. Ако не се чувствувате добро, можеби е подобро да ја откажете презентацијата. Кафето овде би можело да помогне.

2. „Дали може да ме слушнете? Да, можете!”

Ова е реченицата со која многумина ги почнуваат своите говори. Удираат неколкупати по микрофонот и прашуваат „Може ли да ме чујат и оние во последниот ред?“.

Не е ваша одговорност да го проверувате звукот. Постојат лица задолжени за тоа. Сепак ако навистина има проблем со звукот, појдете дискретно до модераторот и замолете го да провери. Насмејте се кон публиката и изгледајте самоуверено.

3. „Не можам да ве видам бидејќи светлото е пресилно.”

Навистина може да се случи светлата да бидат премногу силни, но публиката нема потреба да го знае тоа.

Гледајте во темната публика, насмејте се и однесувајте како да сте дома. Можете слободно да прошетате и меѓу публиката ако веќе сакате да ги видите слушателите.

И не ги покривајте очите со рака кога гледате кон публиката, туку доколку е потребно да видите кој поставува прашање, замолете го љубезно човекот задолжен за тоа, да го намали осветлувањето.

4. „Ќе се вратам на тоа подоцна“

Ако публиката е заинтересирана за интеракција на одредена тема, зграпчете ја шансата и уживајте. Ако некој пак поставува прашање кое планирате да го одговорите подоцна, само прескокнете го додека не дојде времето за одговор.

Ако некој е доволно храбар да крене рака и да постави прашање, пофалете го и поканете ја публиката да го стори истото. Никогаш не одложувајте.

5.„Можете ли да го прочитате ова?”

Вообичаено правило е да ја наместите големината на фонтот кој треба да биде двојно поголем од просечната возраст на публиката. Да, тоа значи дека ако очекувате публика на 40-годишна возраст, треба да користите фонт 80.

Тоа сепак значи дека нема да имате простор за долг текст.

6. „Дозволете ми да го прочитам ова доволно гласно за сите.”

Никогаш, ама никогаш не ставајте многу текст во една презентација со чие читање публиката ќе губи време.

Најдобар начин да се изгуби вниманието е да се напише подолг текст во еден слајд. Тогаш публиката почнува да чита, а престанува да слуша.

7. „Исклучете ги вашите телефони/лаптопи/таблети.”

Некогаш можевте да ја замолите публиката да го стори тоа, но не повеќе. Сега слушателите знаат да твитаат одлични цитати или да фаќаат белешки на своите лаптопи. Но може и да играат карти или да се на Фејсбук!

Може да ги замолите да го исклучат звукот на своите телефони, но настрана од тоа, мора да направите вашиот говор да биде доволно добар за слушателите сами да одлучат да ги исклучат лаптопите за да не пропуштат нешто.

Барањето за внимание не функционира, ќе треба да го заработите тоа внимание.

8. „Не треба да пишувате белешки или да правите фотографии, ќе ја добиете презентацијата подоцна на Интернет“

Одлично е тоа што подоцна може да ја прикачите презантацијата. Сепак добра презентација не содржи многу зборови, па можеби нема да и биде доволно корисна на публиката.

За многумина запишувањето белешки е начин да го меморираат тоа што го слушнале. Накратко, дозволете им да прават како што мислат дека е најдобро во текот на вашата презентација.

9. „Дозволете ми да го одговорам ова прашање.”

Секако дека е одлично ако давате брз одговор на прашањата, но мора да направите нешто…претходно. Честопати прашањето од член на публиката може само вие да го слушнете јасно, но не и на останатите слушатели. Затоа треба да го повторите прашањето.

Обидете се со фразата„ Ќе го повторам ова прашање за остатокот од публиката …“, па потоа дадете одговор.

10. „Ќе бидам краток.”

Ова е ветување кое никој не го одржува. Но многумина ја почнуваат презентацијата на овој начин.

Публиката навистина не ја интересира дали ќе имате кратка или долга презентација. Тие ви го даваат своето време да бидат информирани и инспирирани.

Па речете „ Оваа презентација ќе ви го промени животот“ или „Презентацијата треба да трае 30 минути, но ќе ја скратам на 25 минути за да има време за кафе порано од планираното“.

Потоа се што треба да се направи е да се одржи ветувањето, што пак не носи до последната поента.

Бонус совет: „Што, нема време? Но јас имам уште 23 слајдови!”

Ако дојдете неподготвени и ви е потребно повеќе време од дозволеното, тогаш сте ја „зезнале“ работата. Мора да ја извежбате презентацијата и да ја направите да се вклопи во предвиденото време.

Или уште подобро, завршете пет минути порано и прашајте дали има прашања. Ако нема, поканете ги слушателите на кафе,

Заклучок: дојдете подготвени, бидете свои и професионални. Публиката сака да сте јасни, сериозни и да не им го губите времето, советуваат експертите.