Дерик Меј со македонски музичари на „ОдеГанд“ во Гент

Под диригентство на македонскиот музичар Џијан Емин, легендарниот диџеј Дерик Меј на 27-ми овој месец ќе настапи со Фламанскиот симфониски оркестар во црквата Света Ана во Гент, Белгија.

Дерик Меј со македонски музичари на „ОдеГанд“ во Гент

Дерик Меј ќе биде придружуван од Маријана Николовска на челеста и Кристијан Каровски на пијано, кои се исто така дел од македонскиот тим.

Настапот го организира скопската продуцентска куќа „Излет мјузик“, а ќе биде во рамки на фестивалот „ОдеГанд“ кој се одржува 12-ти пат.

Фестивалот најавува џез, класична и музика на светот во изведба на национални и интернационални таленти. Настапите ќе се случуваат на различни оригинални локации во Гент.

На „ОдеГанд“ досега имаат настапувано врвни светски оркестри како Берлинската филхармонија, Концертгебау симфонискиот оркестар од Амстердам и солисти од калибарот на Јо Јо Ма, Ангела Георгиу… За светлото и видео дизајнот е задолжена светската реномирана компанија ARFYES.

Оркестарот со кој ќе диригира Џијан Емин има традиција повеќе од 50 години. Шеф диригент е извонредниот Јан Латхам – Коениг кој работел со многу светски оркестри меѓу кои Токио Метрополитан Оркестарот, филхармонијата на Лос Анџелес, филхармонискиот оркестар на Радио Франција, а диригирал во Ковент Гарден, во Националната опера во Прага и работи како музички директор на Новата Опера во Москва.

Продуцентска куќа „Излет мјузик“ со која раководи Огнен Узуновски застана и зад настапот на Дерик Меј со Македонската филхармонија во Античкиот театар на 2 август во Охрид.