Депонијата Русино привремено ќе се санира, а нова локација ќе се бара во рок од пет години

Градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари да ја потпише градежната дозвола за започнување на имплементацијата на брзите мерки за санација и подобрување на инфраструктурата во Русино, додека Регионалниот план за управување со отпад во Полошкиот регион, дополнет со план за изнаоѓање на нова локација во рок од пет години да биде одобрен од сите општини во регионот.

Ова се одлуките по денешната средба на Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), претставници од граѓанската иницијатива „Стоп Русино“, градоначалникот Таравари, но и претставници од Швајцарскиот секретаријат за економски прашања и од проектот за воспоставување на Интегриран регионален систем за управување со отпад во Полошкиот регион.

„Имено првата фаза е речиси целосно имплементрана и нејзино завршување е предуслов за почеток на втората фаза, ставање во функција на целиот регионален систем. Првата фаза опфаќа подготовка на целокупната документација и преземање на интервентни мерки за која се обезбедени средства од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања. Не се реализирани само брзите мерки, со кои всушност и ќе се надмине моменталната состаојба со дивата депонија во Русино. Брзите мерки значат набавка на контејнери за сите општини од Полошкиот регион и санација на локацијата во Русино т.е.
помош на општина Гостивар за справување со проблемот со кој се соочува на локацијата во Русино (ова опфаќа изградба на систем за третман на исцедокот односно изведба на канал, резервоар и пумпа што ќе го враќа исцедокот во депонија, куќарка за вработените, вага за мерење на возила и пат кој води кон нестандардната депонијата со поставување на ограда по должината на патот за да се спречи нелегално фрлање на отпад покрај патот“, се вели во соопштението на МЖСПП.

Но, како што наведуваат оттаму овој дел од проектот со кој ќе се санира состојбата со депонијата, се уште не може да се реализира затоа што не е дадена дозвола за согласност за инфраструктурен проект од општината, за да може да се интервенира на локацијата.

„Во вакви услови постои опасност да се изгубат обезбедените средства наменети за помош при управувањето со нестандардната депонија „Русино“ и со тоа не само што не го решаваме проблемот туку отвара нови проблеми за сите општини во регионот. Притоа е нагласена суштинската важност на усвојување на Регионален план за управување со отпад во Полошкиот регион кој веќе е одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање и кој се очекува да биде усвоен од советите на секоја од општините во регионот, вклучувајќи ја и Општина Гостивар што е предуслов за обезбедување на финансиски средства потребни за реализација на инвестициите планирани во втората фаза од проектот“, додаваат од МЖСПП.

Втората фаза пак, од ресорното министерство посочуваат дека опфаќа изградба на стандардна депонија со постројка за третман на  отпадот, изградба на претоварни станици, набавка на камиони за собирање и транспорт на отпадот, набавка на контејнери за селекција на отпадот и комплетно затварање на постоечките 74 диви депонии и сметишта во регионот.

Средбата доаѓа по неколкуте организирани протести и речиси двомесечната блокада до пристапот кон депонијата која ја организира иницијативата „Стоп Русино“.