„Денови на кариера“ на Економскиот факултет во Скопје

Во аулата на Економскиот факултет во Скопје, денеска беше отворено 19-тото издание на „Деновите на кариера“. Целта на настанот организиран од АИЕСЕК, во соработка со Економски, е да им помогне на студентите подобро да се запознаат со програмите за пракса или вработување во компаниите, како и да овозможи подобра интеракција помеѓу студентите, нивните претставници и идните работодавачи.

„Овој проект ќе им помогне на студентите на многу начини да се вработат, прво бидејќи ќе имаат директен контакт со самите компании, и ќе имаат можност да бидат дел од тој процес на обука и усовршување на нивните вештини, кој што ќе им го овозможат компаниите, да бидат дел од тие работилници на кој што ќе работат на реални проблеми, со кој што компаниите се соочуваат, и да видат како компаниите извршуваат еден на еден симулации на интервјуа.“- Марко Андонов-Ацев, член на управниот одбор на АИЕСЕК.

Овогодинешниот слоган на настанот е „Не прави snooze, оствари го сонот!” со кој се потенцира потребата младите да се вклучат активно во процесот на планирање на својата иднина.

Интересот е голем и од студентитe на Економскиот факултет, но и од студентите од другите факултети, бидејќи компаниите се од различни бранши и можат да се понудат различни знаења за различни профили на студенти, додава Андонов-Ацев.

Настанот е составен од два дела, Саем на компании кој се одржува денеска и Едукативен семинар кој ќе се одржи на 3 и 4 април. Целта на Саемот на компании доближување на студентите и компаниите, додека кај Едукативниот семинар поголем акцент се става на проактивноста на младите, нивните лидерски способности, но и на развивање на потребните вештини кои треба да ги поседуваат како услов за поуспешна кариера.

Моника Кочовска