Денови на кариера:Компаниите бараат работно искуство, младите тешко го добиваат

Годинава по 18-ти пат се одржува настанот „Денови на Кариера“ во организација на АИEСЕК и ЕЕСТЕК Скопје кој треба да им помогне на компаниите да ги најдат своите идни работници, а на студентите да им се помогне полесно да најдат работа.

Денови на кариера:Компаниите бараат работно искуство, младите тешко го добиваат

Повеќе македонски компании отворија свои штандови во универзитетската библиотека каде што на дводневниот саем младите студенти можеа директно да ги прашаат работодавачите за сите работи кои што ги интересираат.

Според Виктор Шумановски, проектен менаџер на овогодинешните денови на кариера , соработката меѓу факултетите и фирмите се уште не е доволно развиена.

Денови на кариера:Компаниите бараат работно искуство, младите тешко го добиваат„Мислам дека соработката меѓу студентите и компаниите е еден голем проблем со кој се соочува секој студент кој сака да се вработи. Ние како студентска организација тежнееме да ги подобриме овие услови и да им помогнеме на нашите колеги да обезбедат што подобра работа. За жал најголемиот проблем е што компаниите како предуслов за вработување бараат работно искуство – нешто што повеќето наши колеги го немаат. Затоа АИEСЕК склучувајќи соработка со најразлични фирми, организира вакви саеми и настани и ги праќа студентите на пракса за да се стекнат со потребниот предуслов“, забележува Шумановски.

Горјан Трајковски, еден од студентите присутни на настанот, но и член на АИEСЕК вели дека младите мораат да бидат упорни при барањето работа.

„Има многу компании на кои им се потребни млади луѓе и многу студенти на кои им е потребна работа. Според мене, мислам дека младите треба да бидат поагилни и бараат работа поинтензивно. Знаете, мора да се изборите за она што го сакате, ништо во животот не ви паѓа од небо“, забележува Трајковски.

Дека работното искуство е важно за работодавачите потврдија и претставници на компаниите присутни на саемот. Според Александра Јанева, од „Пивара“- Скопје, најважен предуслов за вработување еден млад академски граѓанин во нивната компанија се работното искуство, но и просекот.

„Што се однесува до прашањето дали програмите на факултетите се подесени во функција на обучување на студентите мислам дека не е мое да коментирам дали образовниот систем е доволно квалитетен или не. Најважните работи кои ние како компанија ги бараме се работно искуство, висок просек и голема комуникативност кај потенцијалниот вработен. Тој мора да биде способен да се соочи со сите предизвици на компанијата и притоа да одговара пред нејзините водечки лица“, коментира Јанева.

Настанот „Денови на Кариера“ продолжува и следните неколку дена во кои ќе се одржуваат едукативни семинари од најразлични теми, од пишување CV и мотивационо писмо, па се до работилници за значењето на говорот на телото. Семинарите ќе се одржуваат на Економскиот Факултет при кампусот на УКИМ и на техничкиот кампус.

Дамјан Коложег