„Денови на детски филм“ низ Македонија

Минатиот викенд во Скопје започна проектот „Денови на детски филм“ во чии рамки  ќе се прикажуват анимирани филмови за деца низ десетина киносали, домови и центри на културата во земјава.

До средината на мај, најмладите гледачи во Гостивар, Делчево, Куманово, Неготино, Прилеп, Струга, Тетово, Велес, Охрид, Штип, Гевгелија, Битола и Кавадарци ќе можат да видат четири анимирани филмови синхронизирани на македонски и на албански јазик.

„Деновите на детски филм“ тргнаа од Скопје. Минатиот викенд во киното „Фросина“ на Младинскиот културен центар две мачки ја раскажаа„Пим и Пом – Големата авантура“, Лео познат и како „Детето фантом“покажа како се станува невидлив и се поминува низ ѕидови.

Како продолжение на оваа акција, во месец мај ќе бидат достапни уште два анимирани филма за најмладата публика во уште повеќе центри на културата низ земјава. Идниот месец на големите платна низ градовите во нашата земја, 11-годишниот Џонатан ќе се бори со џиновска мечка во „Големата мечка“, а едно момче ќе мора да ги спаси своите пријатели од стапицата на злобната кралица во „Тор и легендата за Валхала“.

Филмовите се избрани специјално за младите гледачи од 4 до 10 години. Синхронизацијата на филмовите е поддржана од Агенција за филм на Република Македонија. Деновите на детски филм ги организира продукциската куќа„Узенгија“ од Скопје.

„Пим и ПомГолемата авантура“, синхронизиран на македонски и на албански јазик, раскажува за пријателството меѓу импулсивните и авантуристички Пим и  Пом кое ќе биде ставено на тест, кога тие се соочуваат со обидуваат да го најдат патот до дома. Филмот од 2014 година е во режија на Глорија Смит. Истиот трае 70 минути. Освен номинации на филмските фестивали холандскиот „Синекид“ и „Црни ноќи“ во Талин, ја доби и наградата на Детското жири на Чикаго интернационалниот детски филмски фестивал.

„Детето фантом“, синхронизиран на македонски и на албански јазик, е всушност Лео, 11-годишно момче од Њуjорк, кое е суперхерој. Лео е во болница и страда од сериозна болест, но дознава дека може да го напушта телото и да лета низ градот, да поминува низ ѕидови како фантом. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој привремено е во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен. Тие тројца треба да го спасат градот од лошиот и криминален шеф. Станува збор за продукција од 2015 година во режија на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол. Филмот трае  84 минути.

Големата мечка“ синхронизиран на македонскијазик, раскажува за херојството на едно момче по име Џонатан. 11-годишниот Џонатан секое лето престојува кај неговиот дедо, кој живее во густата шума населена со митски суштества. Годинава со него доаѓа и неговата сестра Софи, која постојано ја избегнува. И успева во тоа, но џиновска мечка стара 1000 години успева да ја киднапира Софи. Сега Џонатан мора да отиде во срцето на шумата за да ја спаси својата сестричка. Филмот е направен во 2011 година, во режија на Есбен Тофт Јакобсен и со времетраење од 75 минути.

„Тор и легендата за Валхала“синхронизиран на македонски, е приказна за младиот Тор, кој живее среќно заедно со својата мајка во мало и мирно село. Според легендата ,тој е син на Один – Кралот на боговите. Џиновите го срамнуваат селото со земја, а селаните ги заробуваат. Филмот е од 2011 година и трае 83 минути. Режијата ја делат Оскар Јонасон, Тоби Генкел и Гунар Карлсон.