Денот на дрвото ќе се одработува во 2017 година

Акцијата „Ден на дрвото“ која се одржуваше вчера за многумина претставуваше неработен ден, кој ќе се одработува следната година. Ваква одлука донела Владата на седница одржана на 25 ноември.

„На седницата одржана на 25 ноември 2016 година, Владата донесе одлука 30 ноември 2016 година да биде прогласен за неработен ден и да биде посветен на акцијата „Ден на дрвото“. На истата седница беше утврдено работниот ден за одработување акцијата да биде во текот на следната година и беше заклучено одлуката за конкретниот датум да се донесе дополнително во следниот период. По носењето на конкретната одлука, Владата соодветно ќе информира“, соопштија од Владата.

Инаку, граѓанската акција „Ние одлучуваме“ вчера реагираше и предупреди дека одработувањето на акцијата „Ден на дрвото“ е можно да биде на 10 декември, ден пред изборите, што би влијаело на нормалниот тек на предизборниот ден, особено за администрацијата која е вклучена во изборните органи што го примаат изборниот материјал на избирачките места.