„Денот кога се роди добриот човек“ во Кавадарци

Во Кавадарци по шести пат ќе се одржи Меморијалната манифестација „Денот кога се роди добриот човек“. Настанот е најавен во понеделник, на 10 јули, а учесници се познати кавадаречки рок музичари, актери, поети и уметнички фотографи.

Рок бендот „Лексикон“ подготви специјална музичка програма токму за оваа вечер, а во автентичниот простор на кавадаречкиот Градски парк ќе бида изложени уметнички фотографии на Гордан Ристовски Гого.

Манифестацијата е во организација на Здружението за алтернативна култура „Алтер Центар“ Кавадарци, а е посветена на Дејан Костов Лиса, еден од последните урбани легенди од Кавадарци, соработник на најдобрите кавадаречки уметници од сите бранши, борец за Кавадарци подобро место за живеење. Манифестацијата се одржува на денот на неговото раѓање. Идејата е да ги промовира алтернативни културни и уметнички сцени во градот и надвор од него, како досега неискористени простори кои имаат изворедна можност за културна презентација,  кои ја имаат основната инфраструктура за таа намена.

Затоа, годинава е избран Градскиот парк во Кавадарци, на платото пред Винската куќа, како локација за шестото издание на „Денот кога се роди добриот човек“. Почнува во 21 часот.