„Денот без жени“ – глобални протести, активизам и штрајк за женските права

Што ќе се случи во свет каде жените не постојат?

Тоа е намерата која сакаат да ја демонстрираат жените кои денеска во преку 50 држави од светот ќе штрајкуваат од платената и неплатената работа, додека милиони други ќе учествуваат во директна акција во еден од најголемите протести во историјата за Меѓународниот ден на жената, 8-ми март.

Од Тајланд до Босна и Херцеговина, од Соединетите Американски Држави до Австралија, Меѓународниот женски штрајк, под паролата „Денот без жени“, ги охрабрува учесниците на еден ден да отсуствуваат од работа или училиште и да избегнуваат да купуваат во продавниците или преку интернет – во гест кој би покажал колку е значајна улогата на жената во општеството.

Протест на социјални работници во Сиднеј

Фотографија од протестите во Шпанија

Протестот, кој е во најголем дел координиран од лидерите кои го организираа и Женскиот марш на Вашингтон во јануари, според организаторите, има цел да ја илустрира економската моќ и значењето кое жените го имаат на глобалната економија.

„Ние сме обединети, ние сме меѓународни – и ние сме насекаде“, вели Клементина Сучанов од Полска, една од организаторите на меѓународниот штрајк. Бојкотот, според неа, ќе ги стави властите и институциите под притисок, на жените да им дадат глас кој толку долго е игнориран.

Демонстрантите во Даблин го блокираа сообраќајот во центарот на градот, во протест за безмалку целосната забрана на абортусот која е на сила во Ирска

Железничката станица во Мумбај засвети во розева боја

„Ние сме армија на жени низ целиот свет и веќе не бараме да бидеме слушнати. Светот е присилен да не послуша“, додава таа.

Во некои делови од САД, веќе е видливо влијанието на штрајкот. Во два окрузи на Северна Каролина и Вирџинија, толку голем број на наставници искажаа намера да отсуствуваат од работа што училиштата денеска останаа затворени. Во округот Александрија 300 вработени побарале слободен ден.

За пладне бојкот од работните места во американскиот Конгрес најавија и жените од демократската партија во САД.

Во Русија пак, приведени се феминистички активисти откако протестираа покрај зградата на Кремлин со транспарент „Мажите се на власт 200 години, долу!“.

Денот на акција доаѓа откако активистите препознаа дека масовни акции кои се појавуваат на насловните страници во медиумите се клучни за продолжување на кампањата за зголемување на правата на жените низ целиот свет.

„Доколку ги водиме само нашите битки – ако тоа е абортусот во Полска или фемицидот во Јужна Америка – се бориме само со еден прст на џинот. А треба да го собориме џинот, не прстот“, вели Сучанов.

8-ми март за Меѓународен ден на жената е назначен во 1913 година.