Денеска во Скопје протест против изградбата на „Луково поле“

Денеска во Скопје ќе се одржи протест на жители од Дебарско-реканскиот регион, иселеници од овој крај во Скопје, екологисти од соседна Албанија, поддржани од невладини организации и еколошки здруженија, кои од Владата на Македонија ќе побараат итно да ги стопира, како што велат, уништувачките електроенергетски проекти „Луково Поле“ и „Бошков Мост“, кои Владата планира да се изградат во националниот парк „Маврово“.

Протестниот собир ќе започне точно напладне, пред платото на стоковната куќа „Мост“ во Скопје.

На протестот, покрај организаторот, Здружението на дебарчани и организациите од Дебар и Река, ќе се обратат и еколошките коалиции „Екологијата-приоритет“ и „Натура 2000“.

„Да бидеме единствени и да го продолжиме она што го започнаа нашите во дијаспората. Радика ве повикува на масовен протест во Скопје. Да покажеме дека Радика не е ниту на владата на Македонија ниту на ЕЛЕМ, туку Радика е на реканците и ќе остане таква каква што е“, се вели во повикот за масовен протест.

Протести против зградбата на двете спорни хидроцентрали по сливот на Радика веќе се одржаа во Тирана, како и во Италија.