Денеска се доделува Годишната награда за младинско учество

Проектот на УСАИД за граѓанско учество денеска од 16 часот во Сули-ан, Факултетот за ликовни уметности во Старата скопска чаршија, ќе одржи свеченост за доделување на Годишната награда за младинско учество.

„Наградата има за цел да се оддаде признание и да се одбележи работата на млади поединци и неформални групи, кои преку своето дејствување во изминатата година имаат покажано посветеност, која служи како пример, за подобрување на животот во нивните заедници и во општеството, во целина“, се вели во најавата на настанот.

Свое обраќање на настанот ќе има директорот на мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн, претставници на Советодавниот совет за млади при Советот на Европа и Европскиот младински форум, како и претседателот на Националниот младински совет на Македонија, Блажен Малески.