Денеска на „Синедејс“:„Мртвите не умираат“ на Џим Џармуш и промоција на „Život s idi(j)otima“

Најновото филмско остварување на Џим Џармуш, музичкиот документарец за Бранко Чрнац – Туста, неодамна починатиот фронтмен на Куд Идијоти, реприза на „Болка и слава“ од Педро Алмодовар, но и селекција од студентски филмови, се дел од денешните содржини на фестивалот Синедејс“.

Активностите се одржуваат во кино Милениум и Младинскиот културен центар, а во продолжение погледнете ја целосната програма за денес:

20:00 МРТВИТЕ НЕ УМИРААТ

*Гала премиера

режија: Џим Џармуш

Нешто не е во ред во заспаното гратче Центервил. Месечината е огромна и спуштена многу ниско, часовите на денот стануваат непредвидливи, а животните почнуваат да покажуваат необично однесување. Вестите од градот се страшни и научниците се загрижени, но никој не ја предвидува најчудната и најопасна реперкусија што наскоро ќе почне да го вознемирува Центервил: мртвите стануваат од гробовите и почнуваат да се хранат со живите, а граѓаните се принудени да се борат за да преживеат.

22:00 СВИРКАЧИТЕ

*Гала премиера*

режија: Корнелиу Порумбоиу

Кристи, романски полицаец, кој е свиркач за мафијата, ќе оди на островот Ла Гомера за да научи древен свиркачки јазик. Во Романија е под постојан полициски надзор и со помош на овој кодиран јазик ќе може да продолжи да комуницира со мафијашите за да го извлече Золт од затвор. Золт е единствениот што знае каде се скриени триесетте милиони евра.

15:00 ЗА БЕСКОНЕЧНОСТА

*реприза*

режија: Рој Андерсон

Отсликување на човековиот живот во сета негова убавина и суровост, неговиот раскош и баналност. Талкаме, како низ сон, нежно водени од нашиот наратор во стилот на Шехерезада. Неважни моменти се прикажани со еднакво значење како важни историски настани: пар лебди над разрушениот Келн; на пат кон роденденска забава, еден татко застанува да ги врзе врвците на неговата ќерка среде дожд; девојки тинејџерки танцуваат пред кафуле; поразена војска маршира кон воен логор. Истовремено и ода и тажачка. „Во Бесконечноста“ претставува калеидоскоп на сѐ што е вечно човечко, бескрајна приказна за ранливоста на постоењето.

17:30 БОЛКА И СЛАВА

*реприза*

режија: Педро Алмодовар

Салвадор Маљо, филмски режисер на постари години, доживува низа повторни средби. Некои од нив се во живо, други пак се спомени. Неговото детство во шеесеттите години на минатиот век, кога се доселил со родителите во едно село во Валенсија во потрага по подобар живот; првата симпатија; првата љубов во Мадрид во осумдесеттите години и болката на раскинувањето на врската додека неговата љубов сѐ уште била жива и силна; пишувањето како единствената терапија да се заборави тоа што не се заборава; неговите почетоци со филмот; и бескрајната празнина што ја открива неможноста да продолжи да снима филмови. Преку потсетувањето на минатото, Салвадор ја наоѓа силната потреба да го раскаже и во таа потреба го пронаоѓа и сопствениот спас.

19:00 ЗМИЈУЛЧЕ

*МК кратки*

режија: Кристина Гицова, Крсте Господиновски, Жарко Иванов

Скршен човек разочаран од општеството и целиот свет околу него, решава да ја напушти цивилизацијата и заминува да живее во дивината. Во шумата тој наидува на неочекувано ново пријателство.

19:10 ДАНСКИ СИНОВИ

*Официјална селекција*

режија: Ула Салин

Една година по големиот бомбашки напад во Копенхаген, радикализацијата во земјата е зголемена, а етничките односи заострени. Се ближат парламентарните избори и лидерот на екстремната националистичка партија Мартин Нордал е на пат да извојува голема победа. Деветнаесетгодишниот Закарија се вклучува на радикална организација, каде што се зближува со Али. Обајцата не се согласуваат со состојбата на државата, која им врти грб на своите граѓани со мигрантско потекло, и решаваат да преземат нешто. Меѓутоа, и двајцата се само обични марионети во рацете на големите моќници. Во обидот да остават свој печат, нивното братство ќе биде ставено на тест, а нивните постапки ќе имаат тешки последици по нивните животни.

  • ЏЕБНО КИНО

 19:00 СТУДЕНТСКА ПРОГРАМА

22:00 МОНТИ ПАЈТОН И СВЕТИОТ ГРАЛ

*Монти Пајтон*

режија: Тери Гилиам, Тери Џоунс

Хумористична сатира на тешкиот живот во Средниот век раскажана преку приказната за кралот Артур и врамена од современа истрага за убиство. Кога легендарниот крал на Британците тргнува со своите витези во потрага по Светиот грал, се соочуваат со разни ужаси, вклучувајќи еден истраен Црн Витез, триглав џин, витези што љубат грмушки, опасниот замок Антракс, зајак убиец, куќа со девици и неколку безобразни Французи.

  • КИНО ФРОСИНА

 21:00 ЗМИЈА

*МК кратки*

режија: Андреј И. Волкашин

Горчливо-слатка приказна за почетоците на пријателство помеѓу деветгодишниот јунак Марио и ексцентричниот геј дечко Борче, соочено со стравот и предрасудите на родителите на Марио, во едно зафрлено македонско гратче.

21:20 ТУСТА

*Музички документарни филмови*

режија: Андреј Коровљев

Музичка документарна биографија посветена на Бранко Чрнац – Туста, неодамна починатиот фронтмен на Куд Идијоти, легендарниот панк-рок бенд од Пула.

  • ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА

13:00 РАБОТИЛНИЦА

Вовед во Маркетинг на филм: “The Do’s and Don’t’s” од Кристина Пелекани (FEELGOOD Entertainment S.A, EAVE Producers Workshop дипломец)

20:30 ПРОМОЦИЈА на „Život s idi(j)otima“

„Život s idi(j)otima“ е автобиографска приказна на поранешниот басист на култниот панк бенд КУД Идијоти, Ненад Марјановиќ – д-р Фриц.

Книгата го опфаќа дискографски најпродуктивниот дел од кариерата на бендот, кој во текот на воените години се здоби со култен статус низ целиот Балкан, а антивоениот став и нескриен антифашизам ги рангираа КУД Идијоти меѓу иконите на урбаната левица во овој дел од Европа.

23:00 | cinEmusic

ТОШО ФИЛИПОВСКИ – Диџеј сет