Денешна програма на книжевниот фестивал „Друга приказна“

Со промоции, работилници и дискусија на тема „Книжевноста и активизмот“ вечерва завршува новиот скопски книжевен вестивал „Друга приказна“, посветен на малите фикции, а кој започна на 28 јуни.

Во 19 часот, најпрво ќе биде претставен бугарскиот писател и театарски режисер Петар Денчев, со кого ќе разговара Роберт Алаѓозовски. Петар Денчев е роден 1986 година во Варна. Автор е на романите „Како мажот ја бакнува жената што ја сака“ (2007) за кој ја добива награта Развитие за Нов бугарски роман и дистопискиот роман „Тивкото сонце“, како и на збирката раскази „Раскази во минато време“ (2012). Пишува и поезија, но сè уште нема објавено поетска книга.

Во 19:30 часот, ќе се одржи разговор со Милан Ѓурчинов на тема Книжевност и активизам/политика, кој ќе го води Бобан Карапејовски.

Потоа програмата продолжува со уште еден разговор за книжевноста и активизмот, во 20 часот, кој ќе го води Јасна Котеска. Во разговорот учествуваат Срѓан Тешин, Никола Гелевски, Роберт Алаѓозовски,Станимир Панајотов.

По вториот разговор, програмата завршува со настанот Книжевноста активизмот во практика, кој ќе го води Ирена Цветковиќ. Во рамки на настанот, Драган Протиќ од Белград ќе ја претстави иницијативата Песничење, ќе биде проектирано видеото од акцијата „Лажни пророци“ наСвирачиња, а на крајот, Дарко Лешоски, Луми Бекири и Југослав Петровски накратко ќе разговараат за Шарената револуција. Потоа, авторите ќе прочитаат кратки ангажирани текстови, а на крајот, заедно со публиката, ќе изработат пароли кои ќе бидат истакнати на протестите на Шарената револуција.