Ден на планетата Земја – „Наш ред е да водиме“

Милиеуконтакт Македонија, во рамките на проектот на УСАИД за Општински стратегии за климатски промени организира настан по повод Денот на планетата Земја – 22 април.

Настанот ќе се одржи во среда (22 април) со почеток од 12 часот во Паркот на франкофонијата – Скопје. Мотото на овогодинешниот Ден на планетата Земја е – Наш ред е да водиме! Фокусот на Денот на планетата Земја се посебните еколошки предизвици на денешницата.

Учесници на настанот ќе бидат: Сојузот на извидници на Македонија, финалистите од натпреварот „Климатски предизвик – Од Нас Зависи”, ОУ Браќа Миладиновци – Аеродром и ОУ Гоце Делчев – Општина Центар. На настанот ќе биде поставена и изложба на фотографии на тема – „Јас и климатските промени”, ќе бидат прикажани материјали од концепт-идеите на финалистите од натпреварот „Климатски предизвик – Од Нас Зависи”, а ќе има и симболични еко-подароци за посетителите.

Првиот организиран Ден на планетата Земја – 22 април 1970 го претставува воедно и почетокот на модерното еколошко движење. 20 милиони Американци излегле низ улиците низ целата земја со барање да се спречи уништувањето на животната средина. Настанот од тој ден ќе резултира со формирање на Американската Агенција за заштита на животната средина, како и усвојувањето на Актите за чист воздух, чиста вода и загрозени видови.

Оттогаш, Денот на планетата Земја и глобалното еколошко движење забрзано растат и се шират. Денес, повеќе од милијарда луѓе во 192 земји учествуваат во активностите кои се дел од глобалниот настан посветен на планетата Земја. Тие активности се најмасовното граѓанско движење во светски рамки.

„Оваа јубилејна 45 година по ред на одржување на Денот на планетата Земја треба да биде година кога економскиот развој и одржливоста ќе си пружат раце. Мора да се признае дека ова е сложена проблематика, но иднината на нашата планета е ставена под ризик и опстојувањето на целиот живот на неа. На овој ден, да застанеме сите заедно и да покажеме кон новиот пат по кој светот треба да чекори. Младите лидери имаат свој оформен став за иднината на нашата планета која треба да ја оставиме во добра форма на идните генерации“, соопштуваат организаторите.