Ден на граѓанските организации – активни граѓани за промени

Над 80 организации во сабота (14 септември) од 10 до 15 часот ќе бидат дел од „Денот на граѓанските организации“, фестивал кој ќе се одвива во паркот „Ибни Пајко“ и на плоштадот „Скандерберг“.

Фестивалот на Цивика Мобилитас ќе понуди програма низ младинско, креативно и едукативно катче, со изобилство на креатвни работилници, обуки и предавања за сите возрасти.

Гонце Јаковлеска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) за Радио МОФ вели дека во духот на граѓанското организирање, учесниците подготвија повеќе креативни активности, кои веруваат дека ќе го задржат вниманието на посетителите.

„Активностите се во различни области од едукација и заштита на животната средина, активности за социјална инклузија, моделарски и квилинг работилници, прва помош и тестирање за ХИВ па се до работилница за одржување на велосипеди. Покрај тоа, дел од постигнувањата на организациите ќе биде ставено и на штандови каде заинтересираните ќе можат да добијат повеќе информации и да поразговараат со претставници на конкретна организација“, објаснува Јаковлевска.

Таа потенцира дека идејата на фестивалот е да им се приближат на граѓаните работата и постигнувањата на граѓанските организации и да се мотивираат да бидат активни, без разлика дали ќе се вклучат во некои од организациите или активизмот ќе го канализираат на поинаков начин.

„На македонското општество му се потребни активни граѓани, такви кои се свесни за својата моќ, кои тргнуваат од себе и бараат од сите општествени чинители да ги испорачаат услугите за кои се поставени и платени. Активизмот и граѓанското организирање се ефикасен механизам за постигнување промени во општеството“, констатира Јаковлеска.

Меѓу другото, на фестивалот е најавен и музички дел со диџеј Гоце Саф и Страјк.

Во продолжение, погледнете ги организациите-учесници, распоредени по катчиња на плоштадот „Скендербег“ и паркот „Ибни Пајко“.

Бојан Шашевски