Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје најави дека од оваа година започнува да ја организира манифестацијата Ден на читателот, посветена на читателите во Република Македонија. Настанот ќе се одржи на 10 март, со почеток во 11 часот, во НУБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје во соработка и со учество на сите јавни библиотеки во Македонија.
На овој ден во чест на читателите кои учествуваат во одредувањето на најчитаниот македонски автор ќе се доделува традиционалната награда Најчитан автор. Во рамки на настанот ќе се одржи трибина посветена на читателите на која ќе бидат претставени искуствата околу корисниците на библиотеките, популаризација на книгата, како и размена на нови предлози и иницијативи за привлекување нови корисници и поттикнување на читањето. Трибината ќе биде отворена за јавноста и на неа ќе учествуваат претставници на библиотеките, писатели, преведувачи, издавачи и читатели.
На Денот на читателот делата на македонските писатели кои се објавени во едицијата 135 тома „Македонска книжевност“ како и изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ ќе може да се купат по исклучително ниски цени. Исто така, на секој корисник на НУБ што ќе се легитимира со членска карта, на овој ден ќе му биде подарена една книга од новата издавачка продукција во Република Македонија.