„Ден на ангелчињата“ во Битола – едукативен школски настан или верска пропаганда?

Облечени во бело, ученици од основните училишта во Битола минатиот петок (20 ноември), заедно со нивните наставници по Етика во религиите, дефилирале низ Широк Сокак, носејќи транспарент со натпис „Бог нè создал од љубов“.

Како што пренесува битолската телевизија Орбис, настанот бил дел од проектот „Децата за доброто и светлината – Денот на Ангелчињата“ кој го организираат повеќе битолски основни училишта во соработка со Заводот и музеј Битола.

„Повод за нашиот проект е денот на ангелите, утрешниот празник Св. Архангел Михаил беше причина да го врзeме овој проект со празникот бидејќи децата најмногу ја имаат таа слика на ангелите, бидејќи Христос рекол: бидете како деца, бидејќи тие ќе го наследат царството небесно и таа праслика на ангелите се децата. Плус повод беа и нетрадиционалните празници кои во нашата држава се практикуваат, како „Ноќта на вештерките“, вели за ТВ Орбис Драги Анастасовски, наставник по Етика во религиите.

Во прилогот на телевизијата се прикажани и изјави на неколку од децата-учесници, кои зборуваат дека „го славеле погрешниот празник“ (мислејќи на „Ноќта на вештерките“) и дека „научиле оти треба да слават убави празници, а не некои што се од друга вера“.

Нагласената религиозна иконографија и учеството на деца во овој настан наиде на негативни коментари кај дел од јавноста. Во коментарите на социјалните мрежи можат да се забележат толкувања дека ова претставува злоупотреба и индоктринација на децата и ново мешање на Црквата во училиштата, односно обид на мала врата да се внесе веронауката во државното образование.

„Овој настан, како и оној со учениците на колена в црква покажува колку училиштето се оддалечува од поимот научна институција. Целта на предметот Етика во религиите е да го зголеми меѓусебното разбирање, а ова е спротивно на тоа и просветната инспекција би требало да реагира, честа пракса меѓу наставниците по тој предмет е да ги прескокнуваат лекциите за Ислам или Будизам. Настанот е доказ за тоа. Најдобро е Етиката во религиите да се укине, за да не се повторат ваквите интерпретации, спротивни на иницијалната цел“, смета наставникот Влатко Секулоски, член на Наставничкиот пленум.

Од битолското училиште „Стив Наумов“, чии ученици се дел од одбележувањето на „Денот на ангелчињата“, не гледаат ништо спорно во оваа манифестација.

„Нема ништо лошо во тоа. Децата учествуваат на доброволна основа, а настанот го организираме во соработка со родителите. Никако не се работи за наметнување на верата. Во нашето улилиште учат деца од повеќе религии“, велат од училиштето, од каде додаваат и дека во настанот сепак „учествувале само деца од христијанска вероисповед“.

Министерството за образование и Државниот просветен инспекторат, и покрај тоа што најавија, не ни го соопштија својот став во врска со настанот во Битола и не одговорија дали ќе биде покрената постапка против училиштата и наставниците кои го организирале.

Од Младинскиот образовен форум велат дека проблем во овој настан е не само неговата верска природа, туку и промовирањето на само една религија, во активност организирана како дел од наставата по Етика на религиите – предмет чија цел е токму изучувањето на различностите.

„Активностите кои ги организираат основните училишта во Битола се директно спротивни на членот 11 од Законот за основно образование, со кој се забранува политичко и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја. Дополнително, начинот на кој се изучува предметот Етика во религиите е погрешен, поради тоа што не се стимулира различноста, мултукултурноста, значењето на религијата од критичен аспект, туку очигледно е намерата за фаворизирање на одредена религија. Во Битола живеат многу млади од различни етнички припадности со различна култура. За ваков вид на активност мора да изјасни Државниот просветен инспекторат и институциите да сносат одговорност и да се спречат идни слични активности“, велат од Младински образовен форум.

Ж.Н.