Опозициските протести во Венецуела денеска може да се претворат во највалкани по шестнеделниот бран на немири низ земјата. Учесниците во демонстрациите планираат да фрлаат коктели со измет врз безбедносните сили, покрај досегашната употреба на камења, молотови коктели и солзавец.
„Тие имаат гас, ние имаме фекалии“, пишува на една од сликите која кружи низ социјалните мрежи како најава за денешните протести наречени „Марш на измет“.
Со троцифрената инфлација и недостиг на најосновните лекарства, додека милиони немаат доволно храна, земјата се наоѓа во длабока криза. Скоро два месеци, стотици илјади луѓе протестираат на улиците бесни на владата на непопуларниот претседател Николас Мадуро.
Некои од опозициските симпатизери, пишува Гардијан, се згрозени од плановите за употреба на човечки и животински измет, наведувајќи дека тоа е нехигиенска и несоодветна тактика, дури и против власта која ја презираат.
Многумина предупредуваат дека фрлањето со измет може да ги зголеми инфективните болести, чиј број се зголемува низ земјата поради недостаток на лекови, како и основни хигиенски и дезинфекциски средства.
„Децата одат само со камења. Тоа е нивното оружје. Сега имаат и друго: фекалии“, изјавила 51-годишна забарка која подготвува кутии со измет во нејзиниот дом за демонстрантите да ги фрлаат врз властите.
„Една од моите пациентки собира фекалии од нејзиното дете“, додала, барајќи да не се открива нејзиниот идентитет.
На групите на WhatsApp во Венецуела брзо се шират пораки во кои се даваат детални упатства како да се подготват овие коктели од фекалии. Некои инсистираат да не се користат стаклени садови, за да се осигура дека проектилите не би нанесувале повреди на безбедносните сили, туку само би ги понижиле.
Оваа тактика може да има спротивен ефект, бидејќи опозициските лидери се надеваат дека безбедносните сили, кои се на првите борбени линии, можат да им се придружат, бидејќи и тие трпат последици од државната криза. Многумина од нив сочуствуваат со демонстрантите, но се плашат јавно да го искажат тоа од страв дека властите ќе им се одмаздат.И, додека опозициската коалиција молчи за новата стратегија која ја подготвуваат демонстрантите, некои законодавци веќе изразија одреден вид поддршка.
„Тие го користат нивното оружје против нас, па луѓето го употребуваат она што го имаат“, изјавил пратеникот Рафаел Гузман кој во понеделникот учествувал во размената на солзавци со безбедносните сили.