Демонстранти ги окупираа театрите во Париз во знак на протест против нивното затворање поради Ковид-19

Демонстранти во Франција во текот на вчерашниот ден окупираа три од четирите национални театри во земјата за да побараат да заврши мерката за затворање на културните места која беше наметнато поради пандемијата, додека расте фрустрацијата поради повеќемесечниот прекин на перформансите, јавува „Франс 24“.

Театрите, кината, музеите и другите културни простори се затворени од последниот целосен карантин во Франција во октомври и останаа затворени и покрај повторното отворање на повеќето деловни сектори во декември.

Претходно пак, во понеделникот студенти протестираа во театарот „Пау“ во јужниот дел на Франција. Слични активности имаше и во вторникот во два други театри.

Притисокот се зголемуваше со недели уназад, а илјадници демонстранти минатиот четврток машираа низ Франција барајќи повторно отворање на културниот сектор. Парискиот марш заврши со педесетина активисти кои упаднаа во театарот „Одеон“ и одбија да заминат. Таму, тие поставиле вреќи за спиење и понеле храна, ветувајќи дека ќе останат сè додека властите не ги исполнат нивните барања.

Покрај повторното отворање на културните установи, демонстрантите бараат и продолжување на даночното ослободување за хонорарните и сезонските работници кои се соочуваат со несигурна финансиска и психолошка состојба поради „изгубената година“ предизвикана од кризата.

Министерката за култура Розелин Бачелот во саботата изненадно го посети театарот „Одеон“ и вети дека ќе продолжи со преговорите.

„Вечерва отидов во театарот ‘Одеон’, кој е окупиран веќе трет ден. Ја разбирам загриженоста околу продолжувањето на изгубената година, тие знаат, мојата цел е да продолжам да го штитам уметничкиот сектор, онолку колку што е потребно. Ќе продолжиме со преговорите“, напиша Бачелот на Твитер.

Франција има еден од најдарежливите системи за поддршка на уметниците во светот, но, системот моментално е затегнат поради пандемијата со коронавирусот.