Демократски медиуми, транспарентност и пристап до информации – оружја против лажни вести

И покрај тоа што Велес во еден временски период стана синоним за ширење на лажни вести, токму денеска од овој град се испраќаат пораки дека Македонија тргнува во борбата против лажните вести, рече денеска министерот без ресор, задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски.

Поповски учествуваше на Форумот за јавни политики на тема „Справување со дезинформациите – комбиниран пристап на властите, граѓанското општество и медиумите за долгорочни решенија“, каде потенцираше дека лажните вести речиси секогаш носат пораки на национализам, поделба, раздор, конфликт и омраза.

„Видовме, не само деновиве туку и низ годините наназад, колку штетна може да биде пропагандата, дека тие лажни зборови честопати поттикнуваат вистинско и брутално насилство и агресивно однесување“, рече Поповски, додавајќи дека завчера, за време на протестите во Скопје, но и во континуитет на социјалните мрежи, рече тој, се шират лажни и вознемирувачки вести вклучувајќи наводни жртви на полициска бруталност, за кои се користат стари фотографии од  личности од секаде по светот, лажни текстови и постови.

„Постојано дејствуваме против манипулациите и веруваме дека проактивното објавување на информации, отчетноста и транспарентноста придонесуваат за намалување на лажните вести и пропагандата“, нагласи Поповски, повикувајќи на постојана гласност во критиките од граѓаните, политичките или граѓански здруженија и медиумите, со цел да бидат слушнати и да влијаат на креирањето на владините политики.

Министерот за информатичко општество Дамјан Манчевски, смета дека тоа што во изминативе денови можело да се прочита по социјалните мрежи и порталите, е уште  една потврда за тоа колку проблемот со лажните вести е сериозен.

„Лажните вести во овој случај имаат за цел намерно извртување и манипулирање. На овој начин се поттикнуваат емоциите кај граѓаните и се манипулираат да верува во тоа што сака да го продаде страната која е нарачател на овие содржини и лажни вести“, истакна Манчевски, тврдејќи дека владата во моментот се спротиставува против дезинформации со редовно информирање и целосна транспаретност.

Овој тип на работење, рече тој, го темелат на три основни столбови – демократизација на медиумскиот амбиент, активна транспарентност и зголемен пристап до информации.

„Во овој правец се и предлог измените во Законот за АВМУ. Измените во законот за АВМУ, гарантираат услови за професионализација на медиумските тела. Овозможуваат слободно и независно работење на медиумите во државата. Најважно од се, даваат шанса политичарите да ги тргнат рацете од медиумите. Силната регулација на медиумите во основа не може да донесе голем бенефит, бидејќи многу лесно може да прерасне во цензура. Клучот е во новинарска фела, да се саморегулира и се држи до етичките и морални стандарди. Владите и сите политички субјекти мораат да се држат до овие стандарди“, нагласи Манчевски.

Едвард Гонзалес – директорот на канцеларијата на УСАИД за општ развој, пред присутните на денешниот Форум, рече дека денешниот настан е важен и навремен, имајќи ја предвид актуелната тема за дезинформирање, феномен кој , како што истакна тој, рапидно еволуира и има локален но исто толку и локален импакт.

„Граѓаните треба да развијат практика на следење на вести од различни извори и да бидат критични кон информациите кои ги конзумираат. Од друга страна, Владата треба да ја почитува улогата на независните медиуми, да промовира транспарентност и отчетност во владеењето, како и да овозможи здрава средина која овозможува овој сектор да си ја одигра својата улога“, рече Гонзалес.