„Демократија наспроти безбедност“, регионален дебатен турнир во Тетово

Викендов во Тетово беше реализиран регионален дебатен турнир, во 3 прелиминарни рунди и финале кои ги судеа три дебатни судии од Тетово. Натпреварувачи беа два тима од Тетово, три од Скопје и еден дебатен тим од Велес.

На финалето на турнирот кое се случуваше во просториите на невладината организација „Лоја“ дебатираа двата најдобри тима на овој турнир составени од Теа Вељковиќ, Кристина Атанасова и Елена Поповиќ како „Скопје 2“ и Моника Зафировска, Виктор Олумчев и Арсениј Пертсов како „Скопје 1“.  „Скопје 1“ како афирмативна страна на финалната рунда понудија поконструктивен случај и го освоија првото место на овој дебатен турнир, додека прво говорничко место со најмногу освоени индивидуални поени на овој турнир освои Теа Вељковиќ од тимот „Скопје 2“.

Тимовите се натпреваруваа на однапред зададена теза: Овој дом верува дека хакерството е оправдано доколку е од национални безбедносни причини (This House Believes That hacking is legitimate if used for national security purposes) и една импромпту (ненајавена) теза: Овој дом верува дека во случаи на немири и протести, оправдано е интернетот да биде исклучен од страна на владите (This House Believes That in times of protests and riots it is legitimate for governments to shutdown the internet) за која имаа само еден час време за подготовка.

„Овие средношколци-дебатери добија шанса да размислуваат, истражуваат и изградат ставови за проблеми поврзани со демократијата и безбедноста и што во одредени случаи треба да се стави на прво место.
Сите членови на дебатната програма, дел од организацијата на настанот, имаа прилика да стекнат искуство во областа на огранизирање и спроведување на активности поврзани со реализацијата на регионален настан од овој тип“, појаснуваат од дебатната програма на Младинскиот образовен форум.

Настанот на дебатната програма е реализиран во склоп на активностите од Проектот на УСАИД за граѓанско општество. Проектот на УСАИД за граѓанско општество го спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија во соработка со четири граѓански организации: Младински образовен форум, Форум – Центар за стратегиски истражувања и документација, Центар за граѓански комуникации и Реактор – Истражување во акција.