„Демократии / Реализам“ – изложба на Артур Жмијевски во МСУ

Во Музејот на современата уметност (МСУ) во Скопје на 1 декември 2021 година (среда) во 20 часот ќе биде отворена самостојна изложба „Демократии / Реализам“ (Democracies / Realism) на реномираниот полски уметник Артур Жмијевски, кој е еден од најзначајните европски уметници од неговата генерација.

На изложбата ќе бидат претставени две видео инсталации, кои се составени од селекција на филмови од неговите капитални дела, инсталациите „Демократии“ (Democracies, 2009-2012) и „Реализам“ (Realism, 2017).

Од МСУ велат дека овие два значајни циклуси, иако се создавани независно еден од друг, во просторот на Музејот ќе бидат ставени во специфична директна релација. Силниот контраст помеѓу двата циклуси на дела, на интересен начин открива една чудна комплементарност и длабока поврзаност на нивната содржина.

„Спротивставувањето на овие колекции од подвижни слики, кои се избрани како составен дел од инсталацијата во МСУ-Скопје, како што најдиректно е сугерирано преку насловите, го отвораат пред нашиот поглед просторот помеѓу колективната ефорија и пасивното учество, и одлучната акција и индивидуалното страдање, помеѓу вревата на улиците и плоштадите и тивкиот приватен простор и изолацијата“, пишува во текстот на рецензентот Владимир Јанчевски.

Според МСУ, еден од главните фокуси во истражувањето на Жмијевски е врската помеѓу уметничките практики и реалноста, особено политичката реалност во која што се наоѓа некое одредено општество. Иако важи за еден од најрадикалните уметници, познат по голем број интервенции, велат тие, делата вклучени во оваа поставка немаат експлицитен критички фокус кон современата реалност, на глобалниот подем на конзервативните наративи, преку камерата овозможува светот да ни биде предочен на најдиректен начин, без режија, без шминка, без коментар. Немаат намера да се допаднат, ниту да фасцинираат, туку да нѐ соочат со реалноста.

Ова е прва самостојна изложба на Жмијевски во Скопје, иако ова претставување следува по неговото учество во рамки на интернационалната групна изложба „Сè што ни е заедничко“ што беше отворена на 21 декември 2019 година во МСУ-Скопје, каде што во друштво на најзначајните светски уметници, тој се претстави со своето видео дело „На отворено. Швиецие“.

Освен видео инсталациите, во рамки на изложбата ќе биде издадена и двојазична публикација, во која, покрај осврт кон дела на изложбата, најпосле ќе биде објавен и превод на македонски јазик на култниот текст на Жмијевски, „Применета општествена уметност“ (Applied Social Arts, 2007).

Исто така, велат од МСУ, во текот на времетраењето на изложбата ќе бидат организирани и отворени читачки групи во кои ќе се анализира и ќе се дискутира содржината на овој значаен текст.

Инаку, Артур Жмијевски (1966) е визуелен уметник кој живее и работи во Варшава, автор со богата уметничка кариера, кој е фокусиран на создавање инсталации, составени од фотографија, филм и видео. Има изложувано на некои од најважните уметнички манифестации, како што се Венециското биенале и Документа во Касел, а бил и куратор на Берлинското Биенале во 2012 година. Неговите дела се вклучени во колекциите на некои од најреномираните уметнички институции во светот, како на пример Музејот на модерна уметност во Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, потоа Новата Пинакотека во Минхен и многу други. Како негов манифест, овој текст во последната деценија има извршено силно влијание врз разбирањето на ангажираноста и општествената улога на уметноста и е преведен на повеќе светски јазици.

Изложбата ја организира Музејот на современата уметност – Скопје во соработка со уметникот и Галеријата и фондација „Фоксал“ од Варшава (FGF).

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија. Настанот ќе се одржи со почитување на препораките за заштита од Ковид-19.

Изложбата ќе биде отворена до 30 март 2022 година.