Демијан Хаџи-Ангелковски, волонтер: Деноноќно работиме на терен за да им помогнеме на сограѓаните

Волонтерите кои самоиницијативно се вклучија во помагање на семејствата погодени од поплавите даваат сè од себе за да го исчистат отпадот кој остана како последица од невремето за да можат нивните сограѓани што побрзо да се вратат во домовите, вели волонтерот Демијан Хаџи-Ангелковски за Радио МОФ. Пред два дена, волонтерите од независната иницијатива соопштија дека ги затвораат хуманитарните пунктови и дека се фокусираат само на расчистувањето, а од понеделник, вели Хаџи-Ангелковски, ќе започнат со обезбедување на финансиска и материјална помош за реновирање на домовите на најпогодените семејства.

„Хуманитарните пунктови се затвораат, бидејќи веќе и нема толкава потреба од продукти и донации. Тоа што сега е потребно е расчистување на теренот, односно улиците и куќите. Повеќето зони веќе имаат струја повеќе денови, имаат пристапни улици и продавниците се отворени. Хуманитарната помош веќе е излишна во повеќето места, со што останува уште само волонтерската за расчистување“, вели Хаџи-Ангелковски.

Според него, социјалните мрежи одиграа клучна алатка која им помогна побрзо да се координираат. Преку Фејсбук групата „Хуманитарна помош за поплавените семејства во Скопје“, тие од утро до вечер, споделуваа информации за семејства на кои итно им беа потребни храна, средства за хигиена, лекови и облека, по што нивните тимови пристигнуваа на терен и пред врата ја носеа помошта.

„Најпрвин одговорните лица за контакт со семејства, им ѕвонат на луѓето кои бараат помош. Со повикот дефинираат каде се наоѓаат и што точно им треба, за потоа да ги впишат во листа, во зависност од итноста на работите кои ги бараат. Листата потоа ја следат двата пункта од Сити Мол и од Веро Центар и ги групираат барањата по зони, за со едно одење да може да покријат што е можно повеќе семејства. Исто така, предниот пункт кој се наоѓа во поплавениот регион е место каде што се собираат многу информации за теренот. Која зона е покриена, каде треба уште помош…“, објаснува овој волонтер.

За овој викенд најавија втора масовна акција за расчистување на најпогодените места, која ќе започне утре во 14 часот, од зборното место кај Веро центар. Хаџи-Ангелковски вели дека е задоволен од одзивот на претходната, но дека секогаш може повеќе.

„Имаме доволно луѓе помеѓу нас и доволно општество свесни и хумани луѓе кои помагаат безрезервно во расчистувањето и носењето на донациите. Апелирам да се приклучат што е можно повеќе граѓани, за да ја завршиме работата што побрзо, се со цел нашите сограѓани да можат да се вратат на своите нормални животи“, рече тој.

Волонтери делат помош по поплава

Помошта која доаѓа од оваа самоорганизирана група е предвидена да се одвива во неколку фази, објаснува Хаџи-Ангелковски.

„Фаза еден беше во првите неколку дека, каде носевме донации, односно храна, вода и продукти до настраданите. Фаза два започна подоцна, каде почнавме со расчистување на теренот, со лесна и тешка механизација, како и со волонтери. Фаза три тек ќе следува, каде ќе се фокусираме на финансиска и материјална помош за реновирање на домовите на најпогодените семејства. Нашиот план за овој викенд е да ја завршиме фаза два и од понеделник да започнеме со фаза три. Да, малку е амбициозен планот, но сметаме дека сме доволно способни да успееме“.

Граѓани во неколку наврати се пожалија дека на терен има селективно делење на помошта која доаѓа од Црвен крст. Ова го посведочиле и волонтерите од независната иницијатива.

Секојдневни ги слушаме ваквите поплаки на терен. Имавме случаи каде семејства со солзи во очите нè пречекуваа неколку дена после поплавите, бидејќи ова е првата помош што ја гледаат од првиот ден. Имаше и селективно делење на помош. Пунктот кај ОУ „25 мај“, едвај работеше уште од првиот ден. Имаат купишта помош внатре, но на неколку пати граѓаните кои барале помош таму ги препраќале кај наши волонтери. За жал, ситуацијата е премногу комплицирана и се уште е рано да судиме до крај, но се чини дека да, има многу неправилности и чудно дејствување на Црвениот крст“, рече тој, додавајќи дека нивен приоритет се семејствата кои имаат изгубено сè.

За кризната мапа кој ја создаде кратко по поплавите, Хаџи-Ангелковски вели дека е изградена врз база на информации од медиумите, социјалните мрежи, како и нивни волонтери кои работат како извидници на терен. Сите овие податоци се агрегираат на едно место и од таму волонтерите ги црпат сите информации кои им се потребни.

„Теренот го поделивме на 25 зони и во три различни бои, кои значат различен степен на погоденост на одредена зона. Со ова волонтерите доста лесно се снаоѓаат на терен, како и се олеснува координацијата помеѓу трите пункта и помошта што ја пружаат станува доста поефикасна и побрза“, вели тој.

Поплавите беа лекција за сите, но најмногу за надлежните, кои се покажаа неспремни за да се справат со оваа кризна ситуација, смета овој волонтер.

„Граѓаните во првите моменти се покажаа далеку поспремни за кризна ситуација од надлежните. Слободно прашајте било кој друг волонтер од нашите тимови истото ќе ви го каже. Во голема мера мапата што ја имавме, скоро сите институции ја користат. Се разбира, ние немаме никаков проблем со ова, само сакаме да помогнеме, каде што некој друг не може. Сметаме дека треба дневната политика да се остави на страна и да работиме заедно да им помогнеме на своите сограѓани… За жал, некој упорно има потреба да се пребројува на терен и непрекинато да се слика. Ние преферираме да работиме и да не се сликаме“, смета Хаџи-Ангелковски.

Тој вели работата која ја имаат како волонтери некогаш им одзема и повеќе од 12 часа на ден. Хаџи-Ангелковски е студент по медицина, сепак тоа не го спречува да помогне.

„Сите волонтери го дадоа својот максимум, плус уште малку. Неуморно работат нон-стоп. Од носење помош во среде ноќ на семејство со мало дете, до земање на 2 недели одмор од работа за да можат да помогнат на терен. Секој од нас имаше по една жртва која ја даде за да помогне да спаси една фамилија повеќе.

Во пресрет на следната акција, тој вели дека мора да се реагира брзо, бидејќи постои опасност од зарази.

Да, напорно е, но не е страшно. Ситуацијата на терен се менува на подобро од ден во ден, но мораме да работиме што е можно побрзо, пред да почнат да се шират заразните болести. Останати се само уште неколку црвени зони, кои мораме да ги завршиме со чистење овој викенд. Мораме да бидеме брзи за да ги вратиме овие наши сограѓани во своите домови што побрзо. Дојди, фати се за лопата и да помогнеме! Помогни и спаси нечиј живот“.

Емилија Петреска