Демант на „Порака нова“ за извештајот од следење на процесот кон ЕУ „Млади од акција“

Демант на „Порака нова“ за извештајот од следење на процесот кон ЕУ „Млади од акција“Центарот за подобрување на квалитетот на живот на лицата со интелектуална попреченост и нивните фамилии, „Порака нова“, го демантира делот од 17-тиот извештај од следењето на процесот на пристапување на Македонија во ЕУ „Млади од акција“, во кој здружението е споменато во негативен контекст, односно дека под сомнителни околности  бил одобрен проектот Exploring Diversity.

„Порака нова на никој начин не е поврзана со сите наводни нелегални зделки за кои се обвинети организациите споменати во извештајот. Организацијата е изградена и угледна организација која долго време работи на ЕУ програми и имплементирала проекти во рамките на ИПА, ЕИДХР, Млади во Акција, а и во рамките на други програми надвор од ЕУ. Проектот Exploring Diversity е авторски проект на ПОРАКА НОВА, и во никаков контекст не е поврзан со Младински Форум ОКО“, се вели во демантот.

Од организацијата бараат авторите на извештајот – ФООМ и МЦЕТ да достават издржан доказ за партнерство помеѓу „Порака нова“  и Младински Форум ОКО за наведениот проект.

„Ги прашувам: дали „Порака нова“  има „сомнителни“ партнерства со некои од следниве организации, кои на своите веб страни ги објавиле нашите повици за волонтери? И дали објавите на некој начин влијаат на вработените, членовите на Управниот Одбор и евалуаторите на проекти во Националната Агенција?“, се вели во реакцијата.

Македонскиот центар за европско образование и Фондацијата Oтворено општество Македонија вчера објавија истражување со кое откриваат дека Националната агенција за европски образовни програми  повторно доделувала проекти на нефер и сомнителен начин.

Според наодите во извештајот на МЦЕТ, европските пари (околу 1.3 милиони евра) наменети за образовни и младински проекти, Агенцијата ги поделила на само 11 организации, за кои нема достапни информации кои покажуваат како ги потрошиле средствата. Ова, според МЦЕТ, е сличен случај како во 2010, кога изби голем скандал откако се откри дека тогашниот директор на Агенцијата Бошко Нелкоски, преку мрежа на блиски соработници и членови на семејството, парите ги распределувал на истите организации. Поради сомнителната распределба на парите, Европската комисија тогаш ги замрзна средствата за Македонија, а директорот Нелкоски поднесе оставка, но не понесе никаква одговорност за злоупотребите.