Делата на Пикасо во МКЦ ги виделе над 10 000 луѓе, изложбата се затвора на 16 март

Изложбата на дела од Пабло Пикасо во Младинскиот културен центар (МКЦ) трае уште неколку дена, односно до 16 март.
„Во изминатиов период изложбата беше одлично посетена, како во работните денови, така и за време на викендите. Младинскиот културен центар секојдневно беше полн со посетители. Посебно значајно е присуството на голем број студенти и ученици, кои и организирано, во големи групи ја посетуваа изложбата“, соопштуваат од МКЦ.
Изложбата е организирана во соработка со приватната галерија „Висконти“ од Љубљана, а претставена е збирка од 46 графички дела на Пабло Пикасо – факсимили на цртежи, литографии и одделни гравури, кои го опфаќаат временскиот период од 1932 до 1969 година.
Во сржта на збирката се наоѓаат комплети од оригинални графики, сместени во три мапи, кои денес претставуваат ретко видени и ретко достапни дела.