Дела на Пикасо, Ворхол и Лихтенштајн во МКЦ

Изложба на графики од Пабло Пикасо и изложба на американскиот поп-арт, која ќе вклучува дела на култните претставници на овој уметнички правец, Енди Ворхол и Рој Лихтенштајн, ќе бидат поставени во галеријата на Младинскиот културен центар годинава, пишува весникот Нова Македонија.

Од МКЦ ја потврдуваат информацијата, но сѐ уште не откриваат детали за концептот на поставките.

Од Министерството за култура најавиле прес-конференција наредниот месец, на која ќе ги објават сите информации за двете изложби. Од МКЦ велат дека изложбата на Пикасо ќе вклучува негови графики.

Пабло Руис Пикасо (1881-1973 г.) е шпански сликар и скулптор, кој се смета за мајстор на уметноста на 20 век. Заедно со Жорж Брак се основачи на кубизмот како сликарски правец и негови најистакнати дела се: „Госпоѓиците од Авињон“ (1907 г.) и „Герника“ (1937 г.), која ги претставува нехуманоста, бруталноста и безнадежноста на војната.

Нема многу детали ни за изложбата на американскиот поп-арт што ја најавува МКЦ. Слична ваква изложба во регионов беше поставена во галеријата „Њу момент“ во Белград пред две години, на која беа изложени графики од најпознатите американски претставници на поп-артот: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чембрелн, Џејмс Розенквист и Том Веселман.