Дел од Водно стана заштитен предел

Владата денеска донесе Одлука за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје од V категорија, на предлог на Министерството за животна средина и просторно планирање.

„Со оваа одлука се овозможува зачувување на автентичната состојба на природата преку заштита на природните и други вредности; спречување на дејствија што можат непосредно или посредно да предизвикаат нарушување на природната рамнотежа на екосистемите; создавање на поволни услови за заштита, зачувување и унапредување на биолошката и пределската разновидност и природното наследство и одржливо користење на природните ресурси на начин на кој не се загрозува опстанокот на видовите и нивната природна рамнотежа“, информираат од Владата.

Градот Скопје е назначен како субјект за управување кој ќе се грижи за подрачјето, и ќе се донесе План за управување кој во себе ќе ги вгради сите потребни мерки и активности за заштита на природата, а особено мерки за управување со просторот и утврдување на систем на мерки и активности за заштита од пожари и други природни катастрофи, меѓу кои и мерките за заштита од ерозија, истакнуваат од ресорното министерство.

„Планината Водно долго време чекаше на добивање на статус на заштитено подрачје согласно постојното законодавство за заштита на животната средина, кое е единствената алатка за овозможување на ваква правна интегрирана заштита во Република Северна Македонија. Работевме напорно за исполнување на нашата обврска за ревалоризација и прогласување на заштитените подрачја како Министерство и се потрудивме да ја обезбедиме максималната заштита согласно законот. Сега следи процесот на подготовка на потребните акти и планот за управување со конкретни мерки, за кои исто така ќе има процес на јавна консултација и ги поканувам експертите и целата јавност да учествуваат во операционализацијата на оваа заштита на вистинскиот начин“, изјави министерот Насер Нуредини по повод донесената одлука.

„Важно е што Водно ја доби заштитата согласно постојното законодавство, а во меѓувреме доколку се изработи нова идеја за подобра заштита и регулатива, таа секогаш може да биде дополнително предложена и изгласана од Собранието“, додава Нуредини.

Од Владата, пак, посочуваат дека остануваат отворени за дебата и сугестии во однос на предлогот за донесување на „лек специјалис“ за Водно како можност за дополнително унапредување на неговата заштита.