Дел од Осоговските Планини е прогласен за заштитено подрачје

Дел од Осоговските Планини е прогласен за заштитено подрачје во категоријата V – заштитен предел, заради разновидноста и богатството на биодиверзитетот, геодиверзитетот, хидролошките карактеристики, пејзажните, пределните и други вредности, природни убавини, како и заради зачувување на специфичната интеракција на луѓето и природата.

Оваа одлука беше донесена на денешната владина седница, а веста ја соопшти министерот за животна средина Насер Нуредини.

Тој се заблагодари на Програмата за зачувувуње на природата во Северна Македонија (ПЗП), Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC), Фармахем Скопје, Македонско еколошко друштво, Национални Шуми и сите други инволвирани страни што го поддржаа процесот.

Вкупната површина на заштитениот предел од Осоговски Планини изнесува 48807.16 хектари, a со него ќе управува Јавното претпријатие за стопанисување со државни шуми „Национални шуми“ со потполна одговорност – Скопје.

На оваа седница, Владата донела и одлука за започнување постапка за прогласување на локалитетот Студенчишко блато за заштитено подрачје во категоријата парк на природа, како и за прогласување на дел од Водно за заштитено подрачје во категоријата заштитен предел.

Покрај ова, од министерството информираат дека Владата го разгледала и прифатила апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Езеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа.

„Со тоа, Министерство за надворешни работи во соработка со Министерство за животна средина и просторно планирање ќе може да ја започне постапката и да го достави апликационото досие (РИС) за номинирање на Охридско Eзеро за Рамсар место во Светската Рамсар Листа до Секретаријатот на Рамсараска конвенција до крајот на оваа година. Со оваа одлука на Влада, нашата држава го добива третото Рамсар подрачје“, информираат од министерството.