Dekmantel Festival 2016 – светски имиња од електронската сцена и годинава во Амстердам

Сместен во зелената идила на паркот Amsterdamse Bos, на само 20 минути од Амстердам, годинава фестивалот Dekmantel по четврти пат ќе се претстави со импресивна селекција од околу 150 светски имиња на електронската музика.

Како и минатите години, фестивалот е конципиран од три сегменти, официјално концертно отвoрање, денска програма и ноќна програма.

Отвoрањето на фестивалот оваа година е организирано во повеќе серијали, на различни препознатливи локации низ Амстердам, како досега познатата концертна сала Muziekgebouw, потоа EYE Film Institute, Paradiso’s Tolhuistuin и Bimhuis.

Денската и главна програма е сместена во паркот Amsterdamse Bos и е распределена на четири отворени стејџа, совршено опремени за сончево и квалитетно журкање.

За оние кои се уште ги држи енергијата и еуфоријата за забава и слушање на добра електронска музика, ноќната програма на фестивалот продолжува во познатиот амстердамски ноќен клуб Melkweg.

Иако релативно нов, секоја година Dekmantel станува се попрепознатлив и поимпресивен, стремејќи се кон достигнување на перфекцијата со секоја негова едиција.

Поинтимен и во мали размери, фестивалот нуди неповторливо доживување на диџеј сетови и лајв перформанси на дел од најголемите и најквалитетни водечки артисти во електронската музика.

Со почеток на 4-ти до 7-ми aвгуст, енергичните звуци на хаус, техно, електро, бас и диско музиката ќе создадат еден уникатен сплет на музичко искуство, атмосфера и доживување.