Декатлон ги тргна кајаците од продажба во Кале и Данкерк – мигранти ги користат за да стигнат до Велика Британија

Синџирот продавници за спортска опрема „Декатлон“ ги повлекува кајаците од продажба во француските градови Кале и Данкерк на северниот брег, поради стравувањата дека тие би можеле да ги користат мигрантите кои се обидуваат да го преминат Ла Манш, пренесува Еуроњуз.

„Купувањето на овие кајаци веќе нема да биде возможно“ во двете продавници „како реакција на моменталната ситуација“, изјавија од компанијата за АФП, потврдувајќи го извештајот на регионалниот весник „Гласот на северот“.

Употребата на кајаците на таков начин „може да ги загрози животите на луѓето кои ги користат“, рече портпаролот, укажувајќи дека одлуката за нивно повлекување од продажба била донесена од продавниците и одобрена од компанијата.

Од „Декатлон“ вели дека кајаците сè уште се продаваат онлајн во другите продажни места на компанијата, посочувајќи дека „производите што овозможуваат подобрување на безбедноста на море, како што се елеци за спасување, весла или топлинска заштита, сè уште ќе бидат достапни“ во продавниците во Кале и Данкерк.

Минатиот петок тројца мигранти беа пријавени за исчезнати откако се обиделе да го преминат Каналот со кајаци за да стигнат до Англија. Претходниот ден 1.185 мигранти поминале според британските бројки, што е рекорден број за еден ден.

Во четвртокот во близина на брегот на Кале беа пронајдени два кајаци, а жандармеријата спаси две лица кои беа потонати.

Голем импровизиран камп во кој се сместени стотици мигранти во областа Данкерк беше евакуиран во вторникот.

Ова доаѓа откако Лондон и Париз го обновија дијалогот за запирање на илегалните премини на Каналот, по неколкудневната тензија.

По состанокот во понеделникот, францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин и неговата британска колешка Прити Пател се согласија дополнително да ја зајакнат соработката.

„Мора да се направи повеќе за да се запрат опасните премини“, се вели во соопштението, повторувајќи ја нивната заедничка решеност да спречат 100% од премините и да ја направат оваа смртоносна рута неостварлива.