Дејзи фемили: Зголемен број отруени кучиња за полицискиот час, расфрлан отров во повеќе скопски општини

Здружението за заштита на бездомните животни „Дејзи фемили“, предупредува дека откако стапи на сила полициски час на територијата на целата држава, забележан е зголемен број труења на бездомни животни и домашни кучиња по опасниот отров „ланате“, кој е расфрлан на повеќе јавни површини во повеќе реони низ Скопје и околината.

Појаснуваат дека во неделата е отруено едно бездомно куче под нивна грижа, друго куче починало пред неколку часа, а имаат информации за расфрлан отров во текот на изминатиот викенд во Карпош, Радишани, Ново Лисиче, Козле, Влае.

„Сакаме да потенцираме дека несомнено е дека се работи за извршување на смислени и планирани дејствија, особено ако се земе предвид фактот што во најголем дел се работи за маалски миленици, односно животни под грижа на здруженија, независни активисти и локални жители, кои во својот реон живееле подолго време и со кои не е поврзан ниту регистриран било каков инцидент, односно немил настан како напад и угризување на минувачи. Алармантно и симптоматично е тоа што овие кривични дела се извршуваат со
зголемен интензитет во вонредна состојба и при прогласен полициски час на територијата на целата држава, кога се претпоставува и очекува зголемено присуство на чуварите на јавниот ред и мир, а со тоа и зголемена безбедност на граѓаните“, велат од здружението.

Отровот „ланате“ е исклучително опасен како за животните, така и за луѓето и животната средина. Неговото расфрлање на јавни површини не е новина, а досега немаме сознанија за пронајден и соодветно санкциониран трујач, велат од здружението.

Затоа бараат од сите надлежни институции и органи на прогонот, а особено од АХВ, МВР и ЈО, итно да постапат по најновите пријави, ревносно да ги истражат труењата и да им посветат зголемено внимание особено со оглед на ситуацијата затоа што се работи за насилни криминалци кои се опасни по луѓето и околината. Бараме и одговор на прашањето, како и покрај сите сознанија и сите инциденти низ годините, продажбата на ваков опасен отров тече непречено и слободно на пазарот.