Дејвид Боуви во Југославија во 1990 година: дожд, гламур и 50.000 херои

Југославија на почетокот на 90-те години на минатиот век, непосредно пред нејзиниот крвав распад, била една од дестинациите на турнејата „Sound+Vision“ на Дејвид Боуви. 50.000 луѓе на стадионот „Максимир“ во Загреб присуствувале на овој концерт, кој за многумина останал најголемиот музички настан на кој присуствувале. Го пренесуваме сведоштвото на новинарот Гордан Бобинац за овој настан од 5 септември 1990 година:

dbwie-1-tick„Камелеонот“ во час и половина свирка пред 50.000 посетители на Максимирскиот стадион ги покажа сите одлики на најголемите светски ѕвезди, со одличен придружен бенд и посебно режирани и миксани видео проекции, свук и светло.

Дека сите можеме да бидеме херои барем еден ден, познато е од една класика на Дејвид Боуви. Кога ќе се соберат 50.000 херои на Максимир, во исто (закажано) време, тогаш може да се констатира дека рокенролот игра интегрирачка улога во земјата во која никој не го сфаќа сериозно.

Концертот на Дејвид Боуви во Загреб измина во знакот на херојската борба со немилосрдниот дожд, студот и со речиси целосната конфузија на фановите на 43-годишниот рок-камелеон.

Рок и Бетовен
На огромната бина, вредна за почит (и во светски размери), правена врз ист концепт како онаа за концертот на „Стоунси“ (два големи видеоекрани како поддршка од страните, вовлечена бина и тони рефлектори во позадината), Боуви го започна концертот со воведните тактови на „Одата на радоста“ на Бетовен, симболизирајќи ги така желбите за 1992 година, духот кој ќе ги оттргне 50-те илјади гледачи од прилично тажната стварност. (се мисли на обединувањето на Европа и создавањето на Европската унија во 1992, прим. прев.)

Додека рефлекторите шараат по бендот, во кој брилјира гитаристот Адриен Белеу (свирел со „Токинг Хедс“ во Загреб), од темнината излегува, како пајак од својата мрежа, Боуви.

dbwie-3-tickВретенест, во прозрачен имиџ на барокна рок-ѕвезда од типот на лордот Бајрон, со руса коса и ковчесто лице, со рудиментирани движења од пантомимата, лесно, речиси во „слоу моушн“ чекори, Боуви му приоѓа на микрофонот и на нашиот јазик го поздравува веќе преполниот стадион.
Дождот што паѓа наеднаш престанува, а воведните тактови на „Space Oddity“ ја фрлаат публиката во орбита околу човекот што за 25 години работа промени исто толку идентитети. Звукот е извонреден, а лесното клатење во трансот го следат и стилизираните видеовежби на Боуви, режирани посебно за оваа турнеја од Џулиен Темпл, пријател и соработник на Боуви на филмот „Зиги Стардаст“ и на спотовите од поновата Боуви-ера. Танчарката е Луиз Левалие, а интересно е тоа што за првите три нумери од концертот одат црно-бели снимки, кои се миксаат со Боувиевото, речиси пророчко опростување со минатото. (турнејата од 1990 требала да биде последната на која Боуви ги изведувал своите хит-песни од 80-те, прим.прев.)

„Ashes To Ashes“ предизвикува делириум, исто како и промената на боите на видеокраните. „Минатото е зад нас“, речиси се стопуваат усните на Боуви од фазата „Зиги“ со обичните рок-позиции на музикантот од почетокот на кариерата.

Оттаму и толкава поврзаност на видеоспотовите, миксани со концертната снимка (45 камери) со Боувиевите почетоци (“Love You Till Tuesday”), што може да ја објасни и типичната, соголена енергија отелотворена во придружниот бенд од гитарист, клавијатурист, басист и тапанар.

Гитара и секс
„Газдата“ инаку и самиот свири гитара, а мешавината од ретроспективниот албум “Changesbowie” се претвора во колективен колапс на публиката со „China Girl“, изведена со доза автодеструктивност на сопствениот сексуален имиџ (сетете се на спотот!), додека Боуви на бината глуми и девојка и момче. Во овој дел испотениот Боуви во студената ноќ се одолжува и со шареноликата изведба на „Let’s Dance“, налик љубовен крик, за да ја заврши во потполна осаменост/темнина.
dbwie-6
Јаболко за Зиги
Одушевувањето се искажувало и со вообичаената пиротехника на навивачите „Бед Блу Бојс“, а некој фрлил и јаболко на сцената – тој прецизен знак на одушевување, типичен за балканските простори. На ова Боуви реагира со влетување во фуриозното фанки патување наречено „Young Americans“.
Концертната верзија, со позадина на Адријан Белеу, со својата жестина го носи целиот стадион, а лесното клатење се претвора во физички рефлекси на колковите. Камелеонот се насмевнува, додека видеото не бомбардира со одлично монтирана снимка. Речиси сите сега би останале и до сабајле, затоа што „се уште не ги слушнавме најголемите хитови“ (како што се буни некој).„“

“Changes” го претвора стадионот во хор, наговестувајќи го простувањето што неминовно следи.

„Ве молам“, речиси пелтечејќи вели Боуви, запрепастен од фактот што толку голем број луѓе од темната страна на Западот ги знае неговите песни. А и тоа глума: „Шефот“ непосредно пред концертот одлучил се да се снима, како за престојниот албум во живо, така и за филм со режисерот Темпл.
Рефлекторите ја претвораат бината во некој вид кристален дворец, поттикнувајќи бура од барања за бис… бендот се враќа на сцената. За збогум, Боуви бира една од двете класики што ги изведува на оваа турнеја. Кога веќе не ја изведе “White Light/White Heat”, тогаш тоа е „Gloria“ на Ван Морисон, изведена во таков заљубенички грч, што илјадници запалки се празнеа во ноќта, на 5 септември на Максимир.