Дејвид Атенборо: Пропаѓањето на цивилизацијата ни е на хоризонтот

Колапсот на цивилизацијата и природниот свет е на хоризонтот, изјави натуралистот Дејвид Атенборо во говорот на Самитот за климатски промени на Обединетите Нации – КОП 24 во Полска.

Атенборо беше избран како претставник на светското население во обраќањето пред делегатите од 200 држави во градот Катовице, кои треба да се договорат како заложбите од Парискиот климатски договор во 2015 година да се претворат во реалност.

„Во моментов се соочуваме со глобална катастрофа предизвикана од човекот и најголемата закана во последните илјадници години – климатските промени. Доколку не преземеме акција, колапсот на нашата цивилизација и изумирањето на поголемиот дел од природниот свет е на хоризонтот“, изјави Атенборо.

„Дали не гледате што се случува околу вас?“, прашува еден млад човек во видео порака презентирана како дел од видео пораката до делегатите. „Веќе го гледаме големото влијание на климатските промени во Кина“, додава друга млада жена. „Ова беше мој дом“, вели друга жена, која стои пред запален објект од шумските пожари.

„Светот проговори. Времето истекува. Тие бараат вие, носителите на одлуки, да дејствувате веднаш. Лидери на нашиот свет, вие мора да предводите. Продолжувањето на цивилизацијата и природниот свет од кој зависиме е во ваши раце“, рече Атенборо.

Последните извештаи покажаа дека 20-те најтопли години, откога се водат статистиките, се случиле во последниве 22 години. Последните четири години биле и најтопли во историјата.

„Климатските промени се одвиваат побрзо од нашите реакции, мораме да преземеме нешто пред да биде предоцна. За многу луѓе, региони и држави ова е прашање на живот и смрт. Имаме колективна одговорност да инвестираме во избегнување на глобалниот климатски хаос“, рече Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во своето обраќање пред Самитот.

Научниците на ОН во нивните студии предупредија дека до 2040 година просечната температура во светот ќе порасне за 1,5 Целзиусов степен, а според Светската метеоролошка организација глобалните температури до 2100 година ќе пораснат за три до пет Целзиусови степени.

Најзначајни последици на климатските промени се покачувањето на нивото на морињата и појавата на елементарни непогоди, како поплави и суши.