Дејмон Галгат ја освои Букеровата награда за „Ветувањето“

Романсиерот, кој бил во потесниот круг за наградата за две претходни книги, ја доби една од најпрестижните книжевни награди за неговото прецизно претставување на едно бело семејство во Јужна Африка по Апартхејдот, пренесува „New York Times“.

Кога јужно-африканскиот писател Дејмон Галгат дознал дека неговиот роман „Ветувањето“ е во потесниот избор за Букеровата награда, бил многу анксиознен. Галгат два пати претходно влегол во потесниот избор за наградата, во 2003 и 2010, а тогаш изјавил дека номинациите „најверојатно скратиле неколку години од неговиот живот“.

„Неколку недели, ти си еден од победниците, а потоа одеднаш вниманието од јавноста се повлекува и има само еден победник, а останатите се губитници“, изјавил Галгат за „Гардијан“.

Оваа година беше поинаку. Во средата, жирито на Букеровата награда го прогласи Глагат за победник, фалејќи го неговиот роман за „необичниот наративен стил кој е мешавина на фокнеровaта динамичност и набоковата прецизност, која ги поместува границите“. Според жирито, романот е тестамент за цутењето на романот во 21 век.

„Ветувањето“ е деветата книга на Галгат, кој веќе е признаен помеѓу книжевните критичари поради заканувачкиот и мрачно смешен портрет на семејството Сварт, потомци на холандски доселеници, кои очајно се држат за својата фарма и статусот во Јужна Африка по Апартхејдот. Книжевните критичари ја споредија неговата експериментална проза со модернистичките мајстори како Вирџинија Вулф, Џејмс Џојс и Вилијам Фокнер, додека други го забележаа неговото влијание од јужноафриканскиот писател Џон Максвел Куци.

Во освртот за „Ветувањето“ во „Њујорк Тајмс“, Галгат е претставен како весел сатиричар кој мрзливо ја искривува бесмисленоста и лицемерието на неговите ликови.

Галгат ја добил идејата за романот преку разговор со пријател, кој опишал како бил на серија погреби во неговото семејство. Тоа звучело како совршен наратив за семејна сага. Галгат почнал да го пишува романот со фокус на „обично семејство на бели јужноафриканци“, чиј матријарх починува од рак во 1986, кога во Јужна Африка започнуваат политичките немири.

Насловот на романот „Ветувањето“, поентира на неисполнетото верување за социјална еднаквост по завршувањето на Апартхејдот, како и ветувањето на матријахатот дека ќе ја остави куќата во наследство на црната слугинка Саломе, која пак предизвикува немир во фамилијата.

Во телефонско интервју по церемонијата, Галгат изјавил дека сакал да го истражува периодот по Апартхејдот, за да го документира генералното расположение со сите негови успеси и разочарувања. Тој не сакал да раскаже морална приказна за херои и опресори, или пак да понуди некаква колективна катарза која ќе го открие патот по кој треба да се движи државата.

„Скептичен сум кон размислувањето дека романите ќе го сменат светот. Навистина не верувам во тоа. Романите раскажуваат како е да се биде жив во определен дел од историјата. На нив гледам како кон документи, наместо алатки за промена“, изјави тој.

Букеровата награда е годишна награда за најдобриот томан напишан на англиски, а објавен во Велика Британија и Ирска. Минатата година, наградата падна во рацете на Даглас Стјуард за „Шуги Бејн“, автобиографски роман кој го опишува живеењето во Шкотска со мајка алкохоличарка. Во 2019 година, добитници на Букеровата награда беа Бернардин Еваристо и Маргарет Атвуд.

Од 2014 година, наградата е отворена за секоја роман напишан на англиски јазик и објавен во Британија. Претходно, беше ограничена само за автори од Британија, Ирска, Зимбабве и земјите од Комонвелтот.

Галгат е третиот автор од Јужна Африка кој ја добива Букеровата награда, по Надин Гордимер и Куци, кои два пати ја добиле наградата.