Дејмиен Марли ќе претвори затвор во Калифорнија во фарма за медицинска марихуана

Најмладиот син на Боб Марли, заедно со бизнис партнерот Ocean Grown Extracts, го претвора поранешниот Државен затвор на Калифорнија со површина од 7153 метри во простор за одгледување на медицинска марихуана за легална продажба.

„Многу луѓе жртвувале толку многу за билката низ годините и завршиле во затвор“, вели 38-годишниот Марли, нагласувајќи ја правдата во претворањето на затвор кој некогаш бил дом на ненасилни корисници, во фарма за одгледување.

„Ако ова им помогне на луѓето и ги инспирира, и се користи за медицински цели, тогаш е успех“, вели Марли.

Преку купување на Клермонт поправниот центар во Коалинга, Калифорнија за 4,1 милиони долари, Марли и неговите партнери веднаш го ослободиле градот, кој е во голема економска криза, од долг од 3,3 милиони долари. Фармата воедно ќе отвори 100 работни места во економски стагнирачки регион вокој сѐ уште трае историски долга суша и намалени цени на маслата. Поради тоа, нефукнционални се двете најразвиени индустрии во регионот – земјоделието и нафтената индустрија.

Новиот бизнис започнал на „многу органски начин“, вели Ден Далтон, долгогодишен менаџер на Марли.

„Канабисот е нешто што е дел од секојдневието на Дејмиен заедно со неговите пријатели, семејството и растафаријанската вера. Сме гледале многу луѓе кои го жртвувале животот за него. Неправдата нѐ мотивираше да се залагаме и да покажеме дека канабисот има моќ да лечи“.

Марли денес го најави и воведувањето на Спик Лајф, авторски вид на канабис кој го создал со Ocean Grown. Создаден е со генетски инженеринг, со помош на доктор на хемија кој помогнал да се култивира уникатната врста.

Марли и неговите партнери се подготвени за евентуален „зелен бран“, доколку Предлогот 64 на Калифорнија – со кој би се легализирал канабисот за рекреативна употреба, биде усвоен во ноември. Досегашните анкети покажуваат дека мнозинството граѓани сакаат марихуаната да биде комплетно легална. Слична иницијатива има и во Аризона, Мејн, Масачусетс и Невада, а Арканзас, Флорида и Северна Дакота ќе одлучуваат дали да ја легализираат медицинската марихуана.

Фармата Коалинга ќе почне да произведува масло од канабис за 60 дена, а во јануари се очекува да се случи и првата берба.

Марли е познат поборник за легализирање и преку својата музика. На прашање дали мислел дека марихуаната ќе биде сосема легализирана во неговиот животен век, изјавил дека е изненаден.

„Не очекував да се случи на овој начин. Ова е дефинитивно нешто на што сме се надевале долго време, дури и пред јас да се родам. Овде е Legalize It на Питер Тош и слични песни, тоа е нешто за што нашата култура се залага. Бев оптимист дека еден ден ќе стане легална, а сега тоа време дојде“.