Дефектолози: На децата со посебни потреби им треба асистивна технологија во училиштата

Елена Петровска е наставничка во трето одделение во ОУ „Васил Главинов“ во Скопје. Во нејзиниот клас има ученик со церебрална парализа поради што моториката му е отежната, а видот намален. Сепак, ученикот редовно ја посетува наставата и со користење на тастатура со големи копчиња ги извршува зададените активности на часовите.

„Ученикот при сите овие активности се чувствува еднаков со неговите соученици и има можност да ги исполнува и извршува задачите кои се прилагодени на неговите потреби.“, вели Петровска.

И педагогот во ОУ „Крсте Мисирков“ во Гевгелија, Владо Дагалев, смета дека начинот на кој децата со попреченост може да се вклучат во општеството е преку употреба на информатичко-асистивна технологија.

„Успешната инклузија овозможува полесно вклучување на децата со посебни образовни потреби во секојдневните активности во училиштето, но и надвор од училишните клупи.“ вели Дагалев.

Асистивната технологија им овозможува на лицата со попреченост да ги извршуваат функциите кои им претставуваат тешкотија или не можат да ги прават. Според истражувањата на граѓанската организација „Отворете ги прозорците“, која десет години им овозможувана луѓето со попреченост да се вклучат во образованиот процес, дури 80 проценти од училиштата имаат барем еден ученик со попреченост, а повеќе од 40 проценти од учениците не можат да ги користат стандардните училишни компјутери.

Сепак, само десет проценти од училиштата во Македонија поседуваат асистивна технологија која може да гарантира вклученост во образовниот систем на овие ученици.

Магдалена Димкова Велевска, дефектолог од „Отворете ги прозорците“,вели дека во училиштата нема еднакви можности за учење затоа што нема адаптирана технологија за сите ученици.

„Една наша корисничка која едеветто одделение има церебрална парализа и тешкотии со пишувањето. Таа е активна на училишниот час преку пишување на компјутерот, односно преку тастатурата со големи букви и тракболот како асистивни уреди кои и помагаат во пишувањето и ѝ го заменуваат моливот и тетратката“, ни го објасни Димовска Велевска начинот на кој асистивната технологија овозможува е-пристапно образование за децата со попреченост.

Таа додава дека во многу училишта се уште нема пристапна рампа и наставата се одржува на повеќе спратови, па децата кои се во инвалидска количка немаат еднаков пристап какоостанатите ученици.

Уште еден голем проблем за вклучувањето на децата со попреченост во редовното образование е немањето доволен број на дефектолози. Марија Тасевска е еден од малкумината дефектолози кои се вклучени во редовната настава во училиште во Скопје.

„Работата на дефектолозите е да ги заштитат децата со посебни потреби од дискриминицијата, да им помогнат на наставниците како правилно да ги прифатат овие деца, како да создадат позитивна клима во одделението и да ги оттргнат сите бариери кои постојат во училиштето“, ни кажа Тасевска.

Од „Отворете ги прозорците“ велат дека во последните неколку години се зголемува бројот на дефектолозите во училиштата, но дека овој број се уште е недоволен бидејќи инклузијата зема сè поголем замав и се повеќе деца со попреченост се запишуваат во редовните училишта.

Александара Хаџи Митова, студентка на Високата школа за новинарство и за односи со јавноста