Дедомразовска трка во Скопје на 22 декември, пријавувањето е во тек

Традиционална Дедомразовска трка во која стотици учесници во дедомразовски костуми ќе трчаат во центарот на Скопје ќе се одржи на 22 декември.

Трката, покрај натпреварувачки, има и забавен карактер, па во неа се добредојдени да се пријават учесници од сите старосни групи. Должината на патеката е два километра и можат да ја истрчаат и деца во придружба на родители. Пријавувањето се одвива преку веб страницата www.prvdovrv.mk.

Стартот и финишот на трката се на плоштадот „Македонија“, а ќе се трча кон Порта„ Македонија“, парк „Жена Борец“, Холидеј Ин, мостот кај МНР, покрај Вардар кон Камениот мост и преку мостот до целта.

– Учеството во трката чини 300 денари, а за првите 200 пријавени следува целосен дедомразовски костум, составен од палто, панталони, капа, ремен и брада, стои во најавата за трката.

За победниците се предвидени награди, а на најсреќните учесници преку лотарија ќе им се исполнат новогодишните желби без оглед на резултатот и освоеното место. Пред и по трката се предвидени музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонија на прогласување на победниците.

Стартот на трката е закажан за 12 часот, а подигнувањето на стартните пакети од 9 до 11 часот на денот на трката.

Трката ја организира здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка на Coca-Cola и Градот Скопје.