Децата што играат видеоигри можеби имаат подобри социјални вештини, покажува нова студија

Родителите кои се грижат за тоа што нивните деца со часови седат на компјутер, мобилен телефон или таблет, можеби немаат причина за грижа. Младите гејмери можеби имаат подобри интелектуални и социјални вештини, покажува последната студија.

Децата кои често играат видеоигри имаат подобри академски резултати, а биле и подобри во воспоставувањето односи со други деца, тврдат научниците кои ја спровеле студијата, објавена во списанието Social Psychiatry and Psychiatric Epidemiology минатиот месец.

„Играњето видеоигри често е слободно време кое децата од школска возраст го поминуваат заедно, во соработка. Овие резултати укажуваат на тоа дека децата кои често играат видеоигри се во подобра социјална кохезија со нивните врсници и подобро интегрирани во нивните училишни заедници“, вели универзитетската професорка Кетрин Киз, која предава на Училиштето за јавно здравје од Колумбија, САД, кое ја спроведе студијата, заедно со парискиот универзитет Декарт.

Сепак, таа вели дека родителите не треба дословно да ги сфаќаат резултатите од студијата.

„Предупредуваме да не се толкуваат паушално овие наоди. Родителите треба да го ограничат времето кое децата го поминуваат пред екраните и тоа и натаму е важна компонента од родителската одговорност на патот кон успехот во училиштето“, вели Киз.