Децата се згрбавуваат поради зависност од паметни телефони, алармираат докторите

Се повеќе деца на седумгодишна возраст стануваат грбави и имаат искривен р’бет поради долгото време поминато над нивните паметни телефони и таблети, пишува британскиот Телеграф.

Доктор Џејмс Картер, нагласува дека има алармантен број на случаи со оваа состојба. Тој вели дека пациентите најчесто се жалат на главоболка, но темелно испитување покажало дека го искривиле р’бетот кај вратот поради нивното долго седење пред електронските уреди.

„Почнав да забележувам голем број случаи во последните две години, особено кај учениците во основно училиште и тинејџерите“, вели Картер.

„Оваа состојба ја нарекувам ‘text neck’, бидејќи најчесто настанува кога луѓето седат со рацете пред нив, гледајќи во нивните уреди неколку часа во денот. Наместо нормален, пациентите имаат искривен р’бет. Може да се манифестира со болки во глава, врат, рамења и во грбот“, објаснува Картер и предупредува дека оваа состојба би можела да води кон анксиозност и депресија, како и повреда на р’бет.

Од неодамна беше објавено истражување изработено од ComRes, кое покажало дека речиси половина од родителите стравуваат дека нивните деца се изложени на сексуална содржина на нивните електронски уреди, додека 52 отсто од нив изјавиле дека биле загрижени што нивните деца комуницираат со непознати на интернет.

Исто така, истражувањето покажало дека децата во просек, поминуваат три часа дневно во играње видео игри, гледање видеа на Youtube или користејќи социјални мрежи.

Картер дополнително советува да се избегнува работење на лаптоп или мобилни телефони додека се седи или лежи во кревет, или пак мониторите да бидат во иста линија со очите.