Децата правобранители ја завршија 2016 со низа активности посветени на нивните права

Децата правобранители во ОУ „Братство Единство” и С.С.О.У „Свети Кирил и Методиј” во Охрид продолжија со имплементација на активностите во рамките на проектот за спроведување на Конвенцијата за правата на детето во Република Македонија, кој се реализира веќе седум години во континуитет, пишува Охрид њуз.

Во текот на месец декември, децата правобранители и членовите на Ученичката заедница во ОУ “Братство Единство” изработија разнобојни постери со сегменти од детските права, преведени на Македонски, на Албански и на Турски Јазик. Постерите беа поставени во училниците, и во училишните ходници. Во фаза на изработка се и три колоритни примероци од Конвенцијата за правата на детето, по еден примерок на секој наставен јазик, кои ќе бидат претставени пред учениците, наставниците и пред Советите на родители.

Децата правобранители и Ученичката заедница при средното економско училиште, изработија постери со мотиви недискриминација, почитување на различните мислења, против говор на омраза и заштита на детските права. Тие изработија и брошури за значењето на слободата на изразување, а се сретнаа и со Заменикот Народен Правобранител на Република Македонија, госпоѓата Васка Бајрамовска – Мустафа.

Проектните активности на учениците ќе продолжат и во текот на наредното полугодие, во согласност со годишните програми за работа на Ученичките заедници.

Проектот за имплементација на Конвенцијата за правата на детето во Република македонија, освен во Охрид, се одвива и во Струга,Битола,Прилеп, Дебар,Тетово,Гостивар,Штип,Кавадарци и Куманово,под покровителство на Швајцарската фондација „Pestalozzi” и Коалицијата на младински организации, „СЕГА”. Имплементатор на активностите во нашата општина е невладината организација, Младински Совет.