Децата на воен командант од Ангола ја тужат видеоиграта „Call Of Duty“

Синот и двете ќерки на починатиот поранешен воен командант од Ангола Jonas Savimbi го тужат издавачот на видеоиграта „Call Of Duty“ затоа што, според нив, во неа нивниот татко е претставен како „глупак што сака да ги убие сите“.
Семејството било згрозено поради одредени аспекти на играта, во која Savimbi се слуша како извикува: „Борете се, браќа мои“ и „Мораме да ги докрајчиме…. смрт за МПЛА“ – што се однесува на Народното движење за ослободување на Ангола, кое ја водело државата откако таа добила независност од Португалија во 1975 година.

Потомците на Savimbi живеат во околината на Париз, а со тужбата бараат отштета од еден милион евра од издавачот, компанијата Activision Blizzard, која ја издаде играта „Call of Duty: Black Ops II“ во 2012 година. Адвокатката на тужителите, Carole Engert, вели дека Savimbi е претставен како „голем глупак кој сака да ги убие сите“, што таа го опишува како „срамотен имиџ што не ја отсликува неговата личност како политички лидер и стратег“, пишува агенцијата АФП.

„Воен командант, да, но тој бил важна личност во Студената војна, пријател на Nelson Mandela“, додава адвокатката.

Savimbi  во играта „Call of Duty: ‘Black Ops II“

Savimbi во играта „Call of Duty: ‘Black Ops II“

Savimbi, водачот на Националната унија за целосна независност на Ангола, бил убиен во 2002 година, во борба против единиците на МПЛА, во родната провинција Моксико. По неговата смрт, бил потпишан договор со кој е ставен крај на крвавата граѓанска војна, една од најбруталните во Африка, која траела 27 години. Половина милион луше биле убиени, а четири милиони биле принудени да ги напуштат своите домови.

Адвокатот на компанијата Activision Blizzard, Etienne Kowalski,  ги отфрла обвинувањата и вели Savimbi „бил претставен токму каков што бил – лик од историјата на Ангола, герилски водач кој се борел против МПЛА. Kowalski додава дека командантот дури е претставен во „прилично добро светло, како ‘добар човек’, кој доаѓа да им помогне на хероите“.

Во октомври 2014 година, поранешниот лидер на Панама, Manuel Noriega, исто така ја тужеше компанијата Activision Blizzard, откако и тој бил претставен во играта. Тој тогаш тврдеше дека во играта е „виновник за многу фиктивни тешки злостори“, вклучувајќи киднапирања и убиства, за да се зголеми реалноста на играта и да се подобри нејзината заработувачка. Тужбата тогаш беше отфрлена, а судијата William Fahey од високиот суд во Лос Анџелес рече дека нема намера да поддржи тужба која го потиснува правото на слободен говор.