Децата кои упаднаа на таткото на интервју за ББЦ, станаа цртани ликови

Мерион Кели и нејзиниот брат, малото бебе Џејмс, станаа светски познати кога упаднаа во собата додека нивниот татко даваше интервју за ББЦ. Видеото стана хит на интернет и само на Фејсбук беше прегледано повеќе од 30 милиони пати. Сега децата станаа и ликови во анимирана телевизиска серија.

Американската компанија „Ханс Хаус“ реши да ја искористи популарноста на видеото и започна анимирана серија достапна единствено онлајн. Мерион стана Мина, Џејмс стана Џек, нивниот татко е претставник на Обединетите Нации, а мајката е тренер по јога, но и покрај изменетите имиња и улоги, семејството веднаш може да сепрепознае.

Таткото, професорот Роберт Кели, изјавил дека го одобрил триминутното видео, пренесува Дејли Мејл.

„Мислам дека беше слатко. Со сопругата се изнасмеавме. Ме направиле да изгледам соодветно смотан“, вели тој.

Минатиот месец, професорот Кели даваше сериозно интервју за ситуацијата во Јужна Кореја, кога четиригодишната ќерка Мерион и деветмесечниот Џејмс влетаа во собата пред веб-камерата на компјутерот на нивниот татко и пред очите на светската јавност.