„Скопје филм фестивал“ и Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината птица“ од Скопје денес од 12 часот во ОУ „Димо Хаџи Димов“ (Влае) организираат работилници за постер наменет за детската програма на „Скопје филм фестивал“. Работилниците ќе се одвиваат во четврток и петок, а ќе ги води ликовниот уметник Ване Костуранов.
Групата ученици што ќе работи на изработката на идејното решение на постерот, ќе биде составена од типични и од деца со различни попречености на возраст од 9-12 години.
Работилницата се одржува во рамки на Проектот „Креираме заедно“ кој се имплементира со поддршка од Европската Унија, како дел од програмата „ Заштита на децата од насилство и унапредување на социјалната инклузија на децата со попреченост во Западен Балкан и Турција“, а е кофинансиран и спроведен од УНИЦЕФ.
„Проектот ги вклучува учениците од инклузивните основни училишта од Скопје, Тетово и Струмица, кои во духот на самозастапувањето говорат за своите проблеми и потреби, преку работилници за фотографија, видео-записи и ликовно решение за плакат за детската програма на Скопје филм фестивал, поддржана од ЕУ и УНИЦЕФ. Во рамки на работилниците, се одржуваат и обуки за детски права. Во процесот на заедничка работа децата се запознаваат едни со други, си помагаат и креативно се надополнуваат при создавањето на крајните продукти кои ќе бидат изложени/прикажани на отварањето на ’Скопје филм фестивал’ на 22 април во Скопје и на придружните манифестации во Тетово и Струмица“, велат организаторите.
Проектот „Креираме заедно“ веќе се имплементираше во Струмица, а неделава продлжува и во Скопје.