Учениците од трето и четврто одделение од основното училиште „Кузман Јосифовски – Питу“ во Кичево имаа можност преку едукативна работилница да слушнат што всушност значат климатските промени, како тие влијаат на производството на храна, но и што може да се направи за да се ублажат.
Нивната едукација за клима траеше минатиот и овој месец, за на крај да подготват и изложба на ликовни творби од тоа како гледаат на климатските промени и како ги разбираат.
„Климатските промени се една тема на која што мора многу посветено да се работи, како и да се зголемува фондот на часови и едукација на учениците на оваа тема, како би можеле да создадеме образовани, но и подготвени млади луѓе за акција за ублажување и прилагодување кон климатските случувања на кои што сме сите сведоци денес, а нашето училиште тоа настојува да го прави на секој можен начин, како што впрочем е и оваа акција организирана денес“, истакна директорката на училиштето, Илинка Анѓелеска.
Секоја деценија обемот на земјоделското производство се намалува за 6%, што значи дека за секои 10 години ние имаме помали количини на храна. Според податоците на Обединетите Нации само во 2020 година бројот на луѓе во светот кои што немаат доволно оброци во текот на еден ден е зголемен за 20%. Во голем дел ваквите загрижувачки податоци се должат и на климатските промени, а сеуште најголемиот дел од населението во нашата држава смета дека не придонесува директно кон создавањето на климатските промени, а уште помалку презема мерки за ублажување на нивните ефекти.
„Една од клучните активности со кои што може да се промени моменталната состојба кога се во прашање климатските промени е едукацијата“, сметаат од Рурална Коалиција, кои изминативе два месеци работеа на кампања и неформална едукација за климатските промени во земјоделството.
Посетија над 30 села на целата територија, но сепак велат, за да може промената да се направи од корен потребно е за климатските промени да се говори, но и да се делува од најмали нозе.
„Ние сме првата генерација на луѓе која што ги чувствува ефектите од климатските промени, но и последната која што може да преземе нешто за да се ублажат ефектите, а во исто време и да се прилагодиме на новите климатски услови и да продолжиме со она најважното, а тоа е производството на храна кое што за жал како што доаѓаат годините ќе биде се помало, а земјоделските производи се поскапи. Токму затоа ни се потребни ваквите акции и соработки за да може реалните случувања и можности за делување на оваа тема да ги пренесеме и во образовниот процес и при тоа истите да станат пракса во сите образовни институции, затоа што младите се тие кои што ги поттикнуваат, но и ги носат промените со себе, а најдобро на нивната свест може да влијае од најмали нозе, па така нашата крајна цел е воведување на редовна и задолжителна едукација за клима и климатските промени како посебен наставен предмет“, напомена Лилјана Јоноски, извршна директорка на Рурална Коалиција.
Во таа насока, организацијата и училиштето потпишаа и меморандум за соработка во кој што се обврзаа и понатаму редовно да работат на заеднички едукативни активности на полето на климатските промени, но исто така и на сите останати теми кои што се поврзани со производството на храна и создавањето на одржлив развој во заедницата.