Деца и млади се приклучија на иницијативата „Младински застапници за правда за децата“

Викендов, 60 деца и младинци се приклучија на иницијативата на УНИЦЕФ „Младински застапници за правда за децата“.

Иницијативата цели  да се создаде простор за децата и младите да учествуваат во реформските процеси на законите и јавните политики од областа на правда за децата, како и да предложат иновативни начини за решавање на прашањата што влијаат врз нивните животи.

Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција ДиЏовани, истакна дека негативните доживувања во детството или интеракциите што ги доведуваат децата во контакт со правосудниот систем честопати предизвикуваат траума со сериозни последици по способноста на децата да размислуваат, чувствуваат и да се однесуваат.

„Децата и младите мора да имаат директен удел во одлучувањето и да го кажат своето мислење. Видовме како децата осмислуваат и предводат иницијативи во доменот на климатските промени и квалитетното образование. Сега ќе имаме добра можност да ги видиме како учествуваат во оваа нова и возбудлива иницијатива во улога на младински застапници и веруваме дека нивните идеи ќе придонесат кон подобрен правосуден систем по мерка на децата“, изјави ДиЏовани, претставничка на УНИЦЕФ.

На оваа работилница идните младински застапници за правда за децата се запознале со главните принципи на детските права, меѓу кои спаѓаат и правата на децата што доаѓаат во контакт со законот.

Со поддршка од пет ментори тие исто така работеле на развивање на комуникациски вештини за мирно решавање на конфликти, емоционална писменост и самосвест и составните елементи на младинското учество и активизам.

Оваа недела  исто така отпочнаа низа работилници за обука на обучувачи наменети за стручни лица кои работат со деца што доаѓаат во контакт со правосудниот систем, со цел да се изврши валидација на првата наставна програма со која се воведува повеќесекторски приод заснован врз најдобриот интерес на детето.

Оваа иницијатива потекнува од потребата да се надминат значителните разлики во знаењата и вештините кај различните стручни лица што работат со деца во ризик и деца во контакт со правосудниот систем.

По работилницата и финализирањето на наставната програма, групата сертифицирани обучувачи ќе го пренесуваат знаењето на своите колеги и други стручни профили што работат со деца во ризик, како што се судии, обвинители, социјални работници, полициски службеници, стручни работници што работат со деца во поправни установи, адвокати и медијатори.