Дебатна проекција на „Човекот од железо“, посветена на Анджеј Вајда

Полонистика МК и Дебатното кино „Контра кадар“ – Скопје организираат скромен омаж на познатиот полски режисер и Оскаровец Анджеј Вајда, проследен со проекција на еден од неговите најзначајни филмови – „Човек од железо“ (Człowiek z żelaza, 1981).

Настанот ќе започне со кратко излагање на проф. д-р Стефан Сидовски, а ќе заврши со отворена дискусија за ликот и делото на Анджеј Вајда.

Настанот е отворен за сите, а ќе се одржи утре (20 октомври) во Салата за седници, на Филолошки факултет „Блаже Конески“ – Скопје, со почеток во 17 часот. Влезот е бесплатен.

Анджеј Вајда, кој се смета за филмска легенда, почина пред речиси две недели. Од својата рана творечка фаза – со филмовите „Генерација“, „Канал“ и „Пепел и дијамант“ – преку својата авторска зрелост – „Човек од мермер“, „Човек од железо“ – па сè до неговиот филмски отпоздрав – „Човек од надеж“, Вајда се впишува во светската филмска историја. Во огромниот режисерски опус на Вајда се документирани и поетизирани најзначајните настани на неговото време во Полска, во кои директно учествувал.