Дебатерите ги спротивставија аргументите на тезата „Дебатата не промени ништо“

Искусните дебатери вчера во дворот на МОФ ги спротивставија своите ставови на тезата „Дебатата не промени ништо“.Афирмативниот тим го сочинуваа Марјан Стојчев, Бојан Маричиќ и Петар Лазаров, додека „негативци“ беа Марјан Забрчанец, Сања Стефановиќ и Илија Жупановски.

„Дебатата не промени ништо“- тема на завршната дебата на МОФ

Афирмативниот тим тврдењето дека дебатата не си ги исполни своите ветувања го поткрепи со аргументите дека „општеството денес е позатворено отколку пред почетоците на дебатната програма“. Тие истакнаа дека дебатата ја изгуби општествена функција, но и дека таа не успеа да изврши системско влијание во Република Македонија.

Дебатата беше една нова активност која што требаше да донесе многу промени, требаше да донесе ослободување на мислата, требаше да донесе ослободување на стегите, требаше да донесе подобрување на општествените состојби. За жал ние денес тврдиме дека дебатата не успеа да го направи тоа– забележа Маријан Стојнев, член на афирмативниот тим.

Дебатата го промени животот на многу индивидуи, но влијаеше и врз повеќе општествени појави и политики во оваа држава, се спротувставија членовите на негацискиот тим. Според Сања Стефановиќ, тезите кои тие ги дебатираат во моментот се контраверзни, честопати неподржани од власта, но затоа и многу важни бидејќи овозможуваат да се слушне гласот на сите во општеството.

„Тезите кои ние ги дебатираме се отворени и значајни за било каква, во најмала рака индивидуална промена. Во време кога нашата власт промовира религија и промовира вредности кои можеби ни се, а можеби и не ни се блиски ние ги разлегуваме од сите можни агли преку дебатата“, Сања Стефановиќ, член на негацискиот тим.

Оваа година МОФ прослави 15 години од своето постоење и оваа учебна година беше последна во која се изучува средношколскиот дебатен формат Карл Попер. На крајот на дебатата се поделија и сертификати на дебатерите почетници за успешно помината обука, но и на оние дебатери кои ја изучуваат дебатата на напредно ниво.

Моника Кочовска