Дебатата за гасоводот ќе биде пренесувана во живо

Утре, од 13 часот е закажана дебатата меѓу надлежните државни органи и граѓанските здруженија за изградба на гасоводот на Водно. Таа ќе се одржи  во Советот на Град Скопје и ќе се пренесува во живо.

Дискусијата ќе биде јавна и секој заинтересиран ќе може да дојде и да го каже своето мислење.

Според градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, граѓаните реагираат на спроведувањето на постапката за гасификација, но таа е завршена во 2016 година. Градот, нагласи тој, е исправен пред правосилно решение.

„Очекувам во текот на утрешниот ден да го почнеме процесот на соочување факти и аргументи. Од средбата ќе има пренос „лајф стрим“ и верувам дека сите медиуми ќе му дадат значење. Мислам дека така главните поенти од таа дебата можат да бидат пренесени на сите национални, регионални и локални телевизии. Така видливоста би била поголема отколку да има дебата на некоја телевизија со национална концесија, рече Шилегов, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во СУГС „Орце Николов“.

На средбата ќе присуствуваат директорот на МЕР и министерот за транспорт и врски. Според него, Градот Скопје и Министерството за животна средина не се органи кои го водат тој проект па затоа тој ќе биде во улога на модератор.

Претходно, министерот Јани Макрадули ја прифати поканата на иницијативата „Го сакам Водно“ да учествува на ваква дебата. Тие велат дека со овој потег, градоначалникот Шилегов се иззема од својата одговорност да учествува во дебатата.

„Со оглед дека парк-шумата Водно се наоѓа под надлежност и управување на Град Скопје и со оглед дека Град Скопје издал Решение за сеча за изградба на гасоводот, ние не можеме да го прифатиме градоначалникот Шилегов за модератор на дебатата, бидејќи со таков акт веќе одбрал страна, па во своите делувања веќе не е непристрасен и неутрален. Неговото место е од другата страна на оваа дебата, во друштвото на МЕР, МЖСПП и МТВ“, велат од иницијативата.

Од „Го сакам Водно“ не се откажуваат од дебатата што претходно ја бараа, а која инсистираат да се одржи на една од националните телевизии.

„Од почеток на мај, на наше барање, бевме активно вклучени во средби со претставници од сите засегнати страни и истите се одвиваа во салите на Владата, МЕР, Министерството за транспорт и врски и Град Скопје. Сме биле и на средби само со Град Скопје. Во тие 4 месеци разменивме доста аргументи и информации.

Ако сме можеле 4 месеци да разменуваме аргументи, ставови по е-маил, состаноци и медиуми, веројатно не е проблем градоначалникот Шилегов, директорот на МЕР, Реџепи и заменик министерот на МЖСПП Макрадули да одвојат 2 часа од нивното време и излезат на јавна дебата на една од националните телевизии, која би одела после работното време на најголемиот дел од граѓаните, во вечерните часови и го кажат сето она што ни го кажале во изминативе 4 месеци. Јавноста го заслужува тоа во најмала рака“, сметаат од „Го сакам Водно“.